ЕМИГРАНТИ

//

Пред неколку години ги гледавме колоните бегалци од Блискиот Исток и Афганистан како ја минуваат Македонија одејќи долж железничката линијата Гевгелија – Скопје за да се приближат кон српската граница, со надеж дека со секој поминат чекор се сѐ поблиску до нивниот замислен Елдорадо- Западна Европа. Сега веќе ги нема, но сликата од долгата колона на измачени луѓе останува впишана во нашата меморија.

Најчесто ги гледавме како минуваат низ Велес. Мирни и тивки, со наведнати глави, најчесто од месното население бараа да си дополнат вода или пак да им се даде некоја потопла облека. Се држеа воспитано и мирољубиво. Такви бевме и ние кон нив, со некои мали исклучоци. Нивното минување будеше во нас реминисценции на далечните, но и на не толку далечните времиња. Малкумина се занимаваа со судбината и раселувањето на народите од освојувачките походи на омилениот лик на македонците-Александар Велики. За нас тој е промоторот на македонското име низ светот, па несреќната судбина на од него поробените и раселени народи, не ни предизвикуваше никакви чувства на жалост или вина. Напротив, бевме горди на него!

Друга е судбината на нашите егејски собраќа. Е, тука веќе има проблем. Тие не само што се изгонети и разселени од домашните вековни огништа, претворени во емигранти, ами сето тое е направено за да се затрие “славното“ македонско име, и што е најважно, да се попречи победоносниот пат на социјалистичката револуција во назадните монархофашистички држави, каква што беше Грција и целиот западен свет. Така барем не учеа и така пишуваа нашите раководители, политичари и историчари, се до 1990 година, а некои бога ми, и до денешен ден. Никој, воопшто никој не се сети да ги спомене Лозанските договори и да се сожали над судбината на раселените “македонци“ во Бугарија. Дали тие “македонци“ беа “немакедонци“ емигранти, онакви какви што беа колоните на несреќници од војните во Сирија и Блискиот Исток, оние кои на странски пасош ќе чекаат најмалку десетина години, а ако останат во емиграција, едвај нивните внуци ќе можат да се надеваат на некаква по пристојна работа.

На сите нас мислите ни се вртат кон Гоце Делчев. Од херој и организатор на Илинденско-Преображенското востание, ние успеавме да го претвориме во “херој“ на нашата омилена Комисија за пријателство и добрососедство. Се прашувам, низ какви ли голготи минал Гоце за да стана бугарски државјанин и згора на сето тоа да биде јункер во бугарското Воено училиште. Требало ли да дава изјава дека се чувствува бугарин и дека и татко му и мајка му, како и сите претци биле бугари по националност. Што ли уште требало да стори за да стане офицер на една армија…тој, “емигрантот“!

Не е само Гоце! Према податоците во македонските научни институти, кон крајот на 1900 година, само во Софија живеат и работат над 10 илјади души по потекло од Македонија. Тоа е само почетокот на “големата преселба“. Под притисокот на србите и грците, по загубените две балкански војни и Големата војна, река од околу 800 илјади македонци заминува за Бугарија. Тогаш, таа земја е нивниот Елдорадо, ветениот подобар живот за нив и децата, но пред се, таа земја е симболот на нивната слобода. Ќе се запраша ли некој од предметната Комисија како тие луѓе живееле, пребивале и работеле во Бугарија, дали некој им барал изјави дека се “б’лгари по род“, дали некој им упатил презиви погледи и думи за нивното емигрантство, дали имале проблеми со “месното“ население и дали ги гонела полицијата како “емигранти“. И немој некој да ми каже дека тогаш немало полиција, мене ми се чини дека бугарите имаат полиција од хан Аспарух наваму, се до денеска.

Не е само Гоце, тука е цела плејада на ликови од бугарската државна и национална историја: Симеон Радев, Јордан Бадев, проф. Александар Станишев, инж Христо Станишев, Љубомир Милетич, Данаил Крапчев, отец Паисиј Хилендарски, Јоаким Крчовски, Миладиновци, Кузман Шапкарев, Григор Прличев, Андреј Љапчев, Евтим Спространов, даже и такви македонски безродници како Димитар Благоев, кој сепак се самодекларирал како б’лгарин. Само во овој мал список ги има од сите “фели“; министри, премиери, писатели и литературни критичари, новинари, дипломати, свештеници. Сите тие се битието, есенцијата на еден народ-бугарскиот народ со своите македонски корени.

Во сите глупости кои ги кажува српската пропаганда за Македонија, има само едно точно изречение. ВМРО е единствено и само бугарска организација, без оглед дали е националистичка, патриотска или предавничка, каква што е несомнено ВМРО(об). Четите, војводите и четниците на ВМРО наоѓаат единствено закрила во Бугарија, која е нивната мајка – пазителка и хранителка. Се друго се лаги и измислици на непријателите на Македонија, па макар да е и Северна. Затоа да се каже јасно и гласно – НЕ, тие не биле нито налик на сегашните емигранти, тоа биле луѓе кои дошле како “свои на своето“ и кои ги заслужиле своите високи позиции во бугарското општество.



Српската окупација на Македонија во 1918 година, не ја измени видливо оваа ситуација. Крајот на Втората светска војна, окупацијата на Бугарија од страна на армијата на Сталиновата СССР и комунистичката/социјалистичката идеја во Југославија и Бугарија, видливо ја променија ситуацијата. Длабоко преднамерено, од тогаш па се до сега, во Бугарија, Југославија и во некои други земји на Источниот лагер, преднамерено се избегнува терминот “нацист“ за непријателите на тоталитаризмот, ами се става во масовна употреба терминот “фашист“. Бугарските и македонските/југословенските комунисти/социјалисти го воведуваат во масовна употреба терминот фашист, кој служи за де се справат со поинакумислечките средини во нивните држави. Терминот “нацизам“ не е прифатлив за комунистите/социјлистите затоа што неодминливо подсеќа на нивниот еднокрвен брат, “националсоцијализмот“. На сите им е јасно дека во Бугарија нема фашизам, дека државата е парламентарна монархија, нема “фашистички“ партии ни организации, но терминот е најудобен за чистка од невидени размери. Во Бугарија е елиминиран цветот на нацијата и државноста, а во Македонија единствената бугарска патриотска организација-ВМРО. Дури и Ванчо Михајлов е обвинет за фашизам, иако тој и ВМРО од 1934 година се само спомен во македонско-бугарското општество.

Во Македонија е елиминирано/ликвидирано целото ВМРО, кое по својата суштина е бугарско, патриотско и михајловистичко. Слична е ситуацијата и во Бугарија. Каде е тука Гоце Делчев? Во долгите зимски вечери, татко ми со неговите преживеани пријатели секоја вечер слушаа Радио Вашингтон “Гласот на Америка“, говореа за некаква “Балада за Великиот инквизитор“ и за второто Исусово распетие. “Дојде времето“, велеше Кирил Кузманов, еден од судените во процесот во Скопје 1928 година, а потоа одново суден во 1945 година, “кога живите завидуваат на мртвите. Среќен е Гоце што загинал млад и херојски, па ние сега го воспеваме. Да беше жив, ќе беше или во титовите казамати во Идризово, или кај бугарите на Белене“. Тогаш бев дете и ништо не разбрав. Подоцна го прочитав Достоевски, а уште подоцна и спомените на Ванчо Михајлов. Нештата се разјаснија…

Изборите во Македонија вака или онака, ќе завршат, а СДСМ веројатно, без оглед на загубените гласови, одново ќе прави влада. Пак ќе се состане комисијата и пак ќе разговара за Гоце. Јасно е чиј е Гоце, но да се разјасни кои се тие кои ги ликвидираа неговите национални и идеолошки наследници. Низ Бугарија сеуште, нависнати како темни сенки на мрачното минато, се извишуваат паметниците на окупаторската советска/руска армија, а во Македонија се движиме по улиците кои ги носат имината на пројугословенските убијци на македонските патриоти. Некој како да сака тие да бидат дел од нашата “општа“ историја. Затоа и власта на СДСМ во Македонија успеа да го урне само паметникот на Андон Јанев-Ќосето, најчесниот вмровец меѓу “нашите“ и “вашите“. Паметниците на убијците, руси, совети, срби и србомани се уште стојат. Следното прашање на кое предметната Комисија ќе треба да одговори е: Чиј е Андон Јанев-Ќосето. Тоа е првиот чин кон нашата општа историја.

Автор: Владимир Перев



Претходна статија

ОЈО ПОДНЕСЕ ОБВИНЕНИЕ ЗА ИЗВРШИТЕЛ НА ДВЕ КРАЖБИ ВО СКОПЈЕ

Следна статија

СИЛНА БУЧАВА ГИ ВОЗНЕМИРИ ЗАГРЕПЧАНИ, МЕТЕОР ГО ПРОБИ ЗВУЧНИОТ ЅИД

Најново од Истакнато