| |

„EnduroSat“: Бугарија има значајно место во светската вселенска индустрија

Бугарија има значајно место во светската вселенска индустрија, а една од нејзините главни предности се домашните инженери и нивниот потенцијал, изјави техничкиот директор на „EnduroSat“, Виктор Данчев, во утринската програма на Бугарската национална телевизија, пренесува Actualno.com.

„Местото на Бугарија во светската вселенска индустрија воопшто не е мало“, рече Данчев.

Тој посочи дека „EnduroSat“ е една од малкуте приватни компании во Бугарија што развива активности во оваа област и дека нејзини сателити се испраќаат во вселената при голем број ракетни мисии.

„Во моментов глобално имаме околу 400 клиенти, а ова е само една компанија која започна во едно поткровје и со нула инфраструктура“, изјави Данчев.

Според него, една од најголемите можности за натамошен развој на Бугарија во вселенскиот сектор се токму бугарските инженери.

Данчев ја претстави и магистерската програма по вселенско инженерство, која е заеднички проект на Военноморското училиште, Военовоздухопловното училиште во Долна Митрополија и Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.

„EnduroSat“ им помага на трите универзитети. Ние сме еден вид нивен индустриски партнер“, рече тој.

Според Данчев, програмата значително се разликува од другите образовни програми во оваа област, бидејќи голем дел од наставата е насочен кон практична работа.

„Околу 70 проценти се вистинска работа на сателити. Луѓето што ја завршуваат магистерската програма искусуваат што значи да составиш сателит“, објасни тој.

За прием на програмата, според Данчев, не се бараат невообичаени предуслови, туку знаења што се очекуваат за ваков тип студии.

„Не очекуваме ништо „вселенско“ на почетокот. Очекуваме кандидатите да имаат знаења од математика, физика и инженерски науки“, додаде техничкиот директор на „EnduroSat“.

Слични Објави