| |

Хет-трикот на ДУИ и автоголот на СДСМ

Facebook статус на Никица Корубин

Чекајќи, уште колку долго нашата про САД “јавност”, кланови и “елити” од секаков вид, ќе издржи да го игнорира Актот за Западен Балкан за демократија и просперитет, на Сенатот на САД, исклучителен стратешки документ од стратешки партнер; можеме да се “забавуваме” со (пот)свесното поведение на партиите во предизборната кампања. Што на ум, тоа на друм – како што вели поговорката за нашите политикантски итромани.

Но, и итрината за предвидување и следење на контекстот, некако избива на површина; што секако нема и не мора да има врска со вистинската намера. И во таа итрина и со “ум на политичари”, повторно, сакал тоа некој или не, му се допаѓало или не, ДУИ на појавно ниво и со потезите што ги прави изминативе денови, се наметнува како “лидер” на европската Северна Македонија или со други зборови, со задоцнување и директно соучесништво, покажува како требаше и досега да изгледа нашата позиција. Хет-трик на политичката сцена.

Од ко-спонзорството на резолуцијата за Сребреница, преку гласањето во Советот на Европа за влез на Република Косово, до иницијативата за излегување од Отворен Балкан, сите презентирани и менторирани од Бујар Османи. Иако, “влегувањето” во ова последното, сега веќе извесно “затворено”, беше со присуство, поддршка и свест и на самата ДУИ (топтан со поддршката на Вучиќ); која сега разбирливо опортуно, во време на најголема внатрепартиска криза, посега по сите политички инструменти.

Кои, за волја на вистината, постојат и за сите други. И, одбиваат да ги користат. Зошто, е прашање на кое порано или подоцна ќе мораат да одговарат. А, дотогаш СДСМ, на која поддршка не и недостасува ниту од ЕУ, ниту од САД за евроинтеграциите, сепак решава на симболично ниво, да ги (зло)употреби националните симболи на две соседни држави (Грција и Бугарија) во нескриен антагонизирачки манир, невешто прикриен позади познатиот патос на “вековната неправда” кон Македонците, кои ете мораат да ги “прескокнат” сите препреки и сопки за да дојдат до целта: во случајов до метафоричкиот автогол.

Останува енигма, кој е тој порив, што тера една модерна партија, со декларативно левичарска идеологија, постојано да посега по квази патриотски ретроградни метафори, упорно трудејќи се да ги исцрта сличностите, наместо разликите со немезисот ВМРО-ДПМНЕ; и да се реферира на нивните замки: “грижата” за идентитетот. Кој патем речено, инжињерингот на “српскиот свет”, деновите го носи директно во водите на македонизмот, оној наменскиот и злонамерниот. Се очекува “жестока” реакција, од сите “бранители” на идентитетот, за “србизирањето” на … па, цела македонска историја.

Па, оттаму не е баш упатно за нив, од соседите во НАТО и членки на ЕУ, Грција и Бугарија, да прават симболични “непријатели”, ниту во предизборен спот, наместо стратешки партнери. Заедно со стратешкото партнерство со Косово, кое вака (не)свесно го оставаат на “игрите” на ДУИ и “збунетоста” на ВЛЕН, кој пак никако не смее да си дозволи, предизборно, а уште повеќе постизборно, да го “троши” кредибилитет кој косовскиот премиер Албин Курти го има кај граѓаните на Северна Македонија. А, за тоа треба да си ја врати иницијативата во диктирањето на јасниот, а не двосмислениот наратив.

Затоа што, контекстот е оној кој ги диктира процесите, со сиот молк на целата “јавност” за случувањата и кај нас и во регионот. И така неинформирани и зашеметени, секако апатични и разочарани; изложени на брутална пропаганда; сепак граѓаните го разликуваат логичното од конструираното. Како ќе ја искажат разликата, е друго прашање. А, за да може воопшто било што да искажат, треба да има грам логика, во оваа јалова, парадна и изнасилена кампања.

Промените овој пат, прв пат доаѓаат за партиите и “елитите”, а не за граѓаните. А, граѓаните пак треба да решат, не за кого, туку дали воопшто нивниот глас ја заслужува било која партија; која посегнува по “голот” (целта), само тогаш кога го губи “теренот” (контролата). А, натпреварот уште и не започнал. Со таа разлика, што овој натпревар, се чини дека доаѓа со нови, ВАР правила.



Слични Објави