| |

Енергетскиот сектор во Република Македонија (3)

Од сите предходни наведени теоретски и научни размислувања, на читателот барем малку му се разјаснува претставата околу положбата на нашиот електроенергетски гигант и како би требало да изгледа процесот на неговото, пред се, економско трансформирање. Сето ова не носи во сегашната ситуација и размислите што понатаму. Првото и основно за кое тврдам дека е најдобро делот од некогашното АД ЕСМ, преносот на електрична енергија или сегашното АД МЕПСО, треба да остане во државна сопственост, државата да ги насочи своите активности кон реструктуирање на компанијата, техничките поправки на постоечките дистрибутивни трафостаници, реконструкција и изградба на нови далеководи на 400 kV, 220 kV и 110kV ниво низ целата земја. Ова подразбира и понатамошно енергетско поврзување на коридорот 8, доправка на старите комуникации и изградба на нови на коридорот 10, со максимална модернизација на сите актуелни трафостаници и изградба на нови, затоа што доаѓа време кога компанијата ќе може нешто и да заработи со меѓуграничниот трансфер на електрична енергија помеѓу нашата и соседните држави. Значи генерално АД МЕПСО е компанијата која до крај би останала во сопственост на државата и од стратешки причини. Во сегашната состојба останува само АД ЕЛЕМ или компанија за производство на електрична енергија, која ги поседува актуелните термо, хидро потенцијали и рудниците во Република Македонија. Со евентуалната приватизација на АД ЕЛЕМ би требало да се задоволат трите основни цели на приватизацијата и тоа:

1. Обезбедување на развој и конкуретност на електроенергетскиот систем во државата на подолг период
2. Привлекување на странски инвестиции и модерно менаџерско искуство
3. Максимилизација на профитот од приватизација на АД ЕЛЕМ

Од ова кажано би требало да сфатиме дека не секогаш ако приватизацијата донесе најповеќе пари, дека таа е и најдобра. Напротив многу поважно е самиот процес на приватизација да донесе нов квалитет и негов развој на целиот систем или што би се рекло со каков бизнис план влегува идниот инвеститор. Јасно е дека секој инвеститори стратешки партнер влегува во процесот на приватизација да ги поврати или оплоди своите инвестиции. Ако го бараме третиот начин на приватизација, со максимализација на приходот, тогаш стратешкиот партнер мора да изнајде начин вака вложените средства за купување на акциите да ги поврати во што пократок можен рок, а тоа може да го оствари преку:

– Преку енормно покачување на цените на електричната енергија
– Преку делење на компанијата и продавање на помалку профитабилните делови и со максимална експлоатација на профитабилните делови
– Преку запирање на сите инвестицииво новото претпријатие, се додека не се покријат трошоците инвестирани во купување на претпријатието.

Од ова се гледа дека сите од овие три начини не се поволни за нашиот електро енергетски систем. За нас како поповолен метод на приватизација би се овозможила преку т.н. докапитализација на претпријатието. Ваков начин на приватизација се покажал успешен во Полска. Неговата суштина се состои во фактот што при ваков начин на приватизација најпрво се продава минорен пакет на акции, на пример 25-30%, но во посебно дефинирани услови и правила, меѓу кои најважно од сѐ е дека на купувачот му се дава приоритетно право и можност преку соодветни дополнителни инвестирања во самото претпријатие да успее во релативно краток временски период (најчесто до 5 години), овие инвестиции да ги претвори во дополнителен влог во претпријатието и со тоа да оствари мнозински пакет од акциите. Вака се постигаат два позитивни ефекти:

1. Претпријатието во првата фаза на приватизацијата сѐ уште е во доминантна сопственост на државата, со што се остваруваат услови да се провери квалитетот и намерите на стратешкиот партнер по купувањето на дел од акциите, односно по приватизацијата.
2. Се гарантираат соодветни инвестициони вложувања во самото претпријатие што во некои случаи, како во нашиот, се од извонредна важност и поважни се од самиот финансиски ефект од приватизацијата.

Во нашиот случај имаме уште многу дилеми како понатаму да се заврши сѐ ова. Затоа што за АД ЕЛЕМ не треба и не смееме да го заборавиме фактот дека ова претпријатие претставува најзначајниот економски и стратегиски ресурс на државата. АД ЕЛЕМ се карактеризира со силна економска моќ, со голем број вработени кои својата и егзистенцијата на своите семејства ја остваруваат токму од АД ЕЛЕМ, како исо силно влијание врз социјално-економскиот стандард на пошироко население и економската моќ на стопанските капацитети, преку цената на електрична енергија.

Продолжува…

Автор:  м-р Спиро Мавровски



Слични Објави