Ердоган и Радев разговараа за развојот на билатералните односи
Бугарскиот премиер Румен Радев и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска разговараа за развојот на билатералните односи на средба во претседателскиот комплекс „Бештепе“ во Анкара, јавува БТА.
Според Дирекцијата за комуникации на Претседателството на Турција, Ердоган изразил задоволство од пристапот на Бугарија кон турската заедница во земјата.
„Односите меѓу Турција и Бугарија се развиваат во многу области и се работи на нивно унапредување во трговијата, транспортот, одбранбената индустрија и енергетиката“, се наведува во соопштението.
Ердоган истакнал дека турската заедница во Бугарија ја зајакнува врската меѓу двете земји и дека внимателниот пристап на Бугарија кон ова прашање предизвикува задоволство.
Турскиот претседател го поканил Радев и на климатскиот самит COP31, кој во ноември ќе се одржи во Анталија, а чиј домаќин годинава е Турција.
Радев пристигна во Анкара за самитот на НАТО на 7 и 8 јули. Турските медиуми објавија дека неговата средба со Ердоган е првата што турскиот претседател ја одржува пред самитот.
Во бугарската делегација беа и вицепремиерот и министер за економија Александар Пулев, министерката за енергетика Ива Петрова и министерот за транспорт и врски Георги Пеев. Од турска страна присуствуваа министрите Хакан Фидан, Алпарслан Бајрактар и Абдулкадир Уралоглу.
По пристигнувањето во Анкара, Радев беше пречекан од турскиот министер за трговија Омер Болат, со кого бугарската делегација разговараше за билатералните односи. Болат порача дека Турција е решена да ги унапреди односите со Бугарија, со акцент на трговијата, инвестициите, транспортот и енергетиката.

