| |

Ердоган со османлиска шлаканица му се закани на американски генерал

Оние кои велат дека ќе одговорат агресивно доколку бидат удрени, веројатно никогаш во животот на го почувствувале ударот на османлиската шлаканица, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Ваквиот став на Ердоган претставува одговор на изјавата на американскиот генерал Пол Фанк, кој се закани со жесток одговор на еветуален напад врз силите на САД во Сирија.

Изјавата на генералот Фанк дека американската војска ќе врати жестоко, ако биде нападната во текот на турската операција во Сирија, беше протолкувана како закана од Анкара, чии сили напредуваат кон градот Манбиџ во Сирија, во кои се стационирани американски војници.

Турција минатиот месец започна офанзива против Силите за заштита на народот на сириските Курди, кои беа еден од главните сојузници на САД во борбата против џихадистичката група Исламска држава (ИД), што доведе до тензии во односите меѓу Анкара и Вашингтон.

Осврнувајќи се на изјавата на американскиот генерал, Ердоган во обраќање пред членови на неговата Партија на правдата и развојот (АКП), порача дека американските војници не се на метата на турските сили, но дека „мора да сфатат оти е подбро за нив да не ги поддржуваат терористите“.

 

 

Слични Објави