ЕРДОГАН: ТУРСКАТА АРМИЈА ЛИКВИДИРА 30-35 СИРИСКИ ВОЈНИЦИ ВО РЕОНОТ НА ИДЛИБ
„Околу 30-35 сириски војници се убиени во операција на турската армија во северозападниот дел на Сирија“, рече претседателот Реџеп Ердоган пред да замине во посета на Украина.
Ердоган соопшти дека 46 цели на режимот во Дамаск биле погодени во операцијата којашто започна денеска како одговор на нападот на сириската армија врз турските набљудувачки пунктови во регионот Идлиб.
Како што соопшти турското Министерство за одбрана четворица турски војници биле убиени во Сирија, 9 се повредени, а еден од нив се наоѓа во критична состојба.
Според сириската официјална агенција САНА нема жртви во редовите на сириската редовна армија по турскиот напад.
Операцијата на турската армија, започна утринава во 6:15 часот и продолжува со учество на авиони Ф-16. Според руските воени лица, сепак, турските авиони не го нарушиле сирискиот воздушен простор.
Во меѓувреме продолжуваат руските воздушни напади врз бунтовничките групи во регионот Идлиб, а САНА јавува дека сириската армија успеала да освои уште три населени места во областа, што биле под контрола на радикалната опозиција.

