|

ЕСМ: Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026

Од 15 октомври официјално започнува грејната сезона 2025/2026 за сите потрошувачи приклучени на системот за централно греење во главниот град, со кој управува АД ЕСМ.

Согласно регулативата, доколку просечната надворешна температура според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи се спушти на 12˚С или пониско, греењето може да стартува и порано, односно уште од 1 октомври.

На веб-страницата на ЕСМ Снабдување секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија, сè до официјалниот почеток на сезоната. Податоците се објавуваат врз основа на одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и временските прогнози на УХМР.

Од компанијата апелираат сите корисници навремено да ги извршат потребните поправки на внатрешните грејни инсталации и завршените интервенции да ги пријават во Центарот за грижа на потрошувачи. Исто така, се нагласува дека заедниците на сопственици треба да обезбедат непречен пристап до топлинските потстаници и редовно електрично напојување, што подразбира платени сметки за електрична енергија и функционални инсталации.

Потрошувачите можат да проверат дали нивниот објект е на списокот на затворени објекти без услови за испорака на топлина на линкот „Затворени објекти – ЕСМ Снабдување“. За информации и пријави, достапни се телефонските броеви 02 3076 200 и 075 400 100.



Слични Објави