|

Естонската премиерка како Макрон: „Ништо не е исклучено, тоа е порака до Русија“

Естонската премиерка Каја Калас рече дека „сите опции“ се на маса за да и се помогне на Украина да го победи Путин. Таа го изјави ова неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон предизвика бура, навестувајќи дека постои можност да се испратат копнени сили да му помогнат на Киев.

Зборовите на Макрон предизвикаа реакција кај другите сојузнички влади, чии лидери брзо почнаа да инсистираат дека нема да бидат распоредени војници во Украина. Но, Калас изјави денеска дека лидерите мора да разговараат за сите опции зад затворени врати, вклучувајќи ги и сите опции кои се уште се на маса за да и помогнат на Украина во нејзината егзистенцијална борба.

„Мислам дека тоа се исто така сигнали што ги испраќаме во Русија, дека не исклучуваме различни работи“, изјави Калас за Политико. „Затоа што сите земји сфатија дека мораме да направиме се за Украина да победи, а Русија да ја изгуби оваа војна“.

Додека повеќето други земји од ЕУ ја отфрлија можноста за испраќање сили во Украина, вклучувајќи ги и главните играчи како Германија, Обединетото Кралство и САД, министерот за надворешни работи на Литванија Габриелиус Ландсбергис вчера изјави дека е благодарен за дебатата што ја иницирал Макрон, додавајќи дека „ништо не може да биде тргнато од маса“ и „ниту една опција не може веднаш да се одбие“.

Москва реагираше луто на изјавите на Макрон, предупредувајќи дека распоредувањето на западните сили во Украина неизбежно ќе доведе до конфликт меѓу Русија и НАТО.

Калас, која во минатото изрази интерес да стане следниот генерален секретар на НАТО, рече дека сè уште верува дека работата треба да му припадне на лидер чија земја ја исполнува целта на алијансата за одбранбени трошоци од 2 отсто од БДП. Сепак, имајќи предвид дека најверојатен кандидат за оваа позиција е холандскиот премиер Марк Руте, кој ја доби поддршката од неколку клучни земји, тоа тешко дека ќе се случи.

Додека Калас се согласи дека Руте има „позитивни квалитети“, таа истакна дека тој ќе биде четвртиот генерален секретар од Холандија, додека никогаш немало шеф на НАТО од Естонија, па дури и од која било балтичка земја.

„Се поставува прашањето дали во НАТО има земји од прв и втор ред“, рече таа. „Дали сме еднакви или не? Така, тие прашања сè уште остануваат“.

Со оглед на тоа што поранешниот американски претседател Доналд Трамп е се поблиску до враќање во Белата куќа, многу западни лидери се загрижени дека ќе бидат оставени сами да се грижат за заштита на Украина од руска агресија. Републиканскиот кандидат долго време ја доведува во прашање посветеноста на Вашингтон кон НАТО и неодамна се закани дека ќе ја напушти заедничката одбрана на земјите кои не вложуваат доволно во одбраната.

Слични Објави