|

ЕУ ги покани Белград и Приштина на средба во Брисел

Европската унија ги покани Белград и Приштина на состанок во Брисел, изјави денеска портпаролот на ЕУ Петер Стано и рече дека Унијата внимателно и со загриженост ја следи ситуацијата на северот на Косово.

Во изјава за Танјуг, Стано рече дека ги повика инволвираните страни да останат смирени и порача дека мора да престанат со сите „некоординирани и еднострани акции“, кои ја загрозуваат стабилноста и безбедноста на теренот и ја попречуваат слободата на движење.

– Откако Косово ги прифати барањата на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност (Јозеф) Борељ и САД за одложување на планираните мерки во однос на регистарските таблички и личните карти, со услов да се отстранат сите бариери, ЕУ ги покани двете страни да да се сретнеме во Брисел за да разговараме за патот кон напредокот, рече Стано.

Тој рече дека дијалогот и преговорите се единствениот начин за решавање на споровите.

– ЕУ беше и останува во близок контакт и со Косово и со Србија за да се смират тензиите, во тесна соработка со ЕУЛЕКС, КФОР и меѓународните партнери, особено со САД, рече Стано.

Тој нагласи дека сите отворени прашања мора да се решаваат со дијалог, со посредство на ЕУ.



Слични Објави