|

ЕУ ја осуди одлуката на Русија да протера 18 дипломати од делегацијата на Унијата

Европската унија ја осуди „неоснованата одлука“ на Русија да протера 18 дипломати на Делегацијата на ЕУ во земјата, изјави портпаролот на ЕУ за надворешни работи Петер Стано.

– Европската унија изразува жалење за неоправданата, неоснована одлука на Руската Федерација да протера 18 членови на Делегацијата на Европската унија во Руската Федерација, рече Стано.

– Дипломатите на ЕУ за кои станува збор ги извршуваат своите функции во рамките и целосно почитувајќи ја Виенската конвенција за дипломатски односи, додаде тој.

Стано ја нарече одлуката на Русија „чист одмазднички чекор“ што „дополнително ќе ја продлабочи нејзината меѓународна изолација“.

– Европската унија продолжува силно да ја повикува Русија да престане со својата агресија врз Украина и да се врати на почитување на меѓународните правила и на кооперативен пристап во нејзините меѓународни односи, рече тој.

Официјална Москва претходно најави протерување на 18 дипломати од мисијата на Европската унија во Русија. Одлуката доаѓа како одговор на сличен потег преземен од Брисел по офанзивата на Кремљ врз Украина.

„Како одговор на непријателските дејствија на Европската унија, 18 членови на Делегацијата на ЕУ во Русија се прогласени за персона нон грата и мора да ја напуштат руската територија што е можно поскоро“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.

Извор: zoom.mk

Слични Објави