|

ЕУ ја забрзува забраната за увоз на руски течен природен гас, нов пакет санкции против Москва

Европската унија планира да ја забрза за една година целосната забрана за увоз на руски течен природен гас (LNG), со цел тоа да се случи до 1 јануари 2027 година. Веста ја соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Кaja Калас, која објави на социјалната мрежа X дека мерката е дел од предложениот 19-ти пакет санкции против Москва, јавува БГНЕС.

Во исто време, Европската комисија работи и на ограничување на увозот на збогатен ураниум од Русија, но засега не може да даде конкретен рок за претставување на официјален предлог. „Сè уште се планира, но немам податоци што можам да ги споделам со вас во моментот“, изјави портпаролката на ЕК Ана-Каиса Итконен за време на брифинг во Брисел.

Според податоците на Евростат, Русија е главен снабдувач на збогатен ураниум за ЕУ, обезбедувајќи 38% од целиот увоз на овој енергетски ресурс. Одлуката за забрзаното прекинување на зависноста од руските енергетски извори доаѓа во услови на засилени напори на ЕУ да ја намали својата стратешка ранливост и да ги ограничи финансиските текови кон Москва.



Слични Објави