|

СДСМ: Грозјето скапува на нивите – лозарите се повторно изневерени

Лозарите повторно се оставени на цедило, а грозјето скапува на нивите, обвинуваат од СДСМ.

Од партијата потсетуваат дека пред два дена министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во Кавадарци изјави дека „целото грозје ќе биде откупено од страна на винариите“. Но, според СДСМ, реалноста на терен е сосема поинаква и најавеното „решение“ за проблемот со откупот се претворило во нова агонија за лозарите.

„Откупот на винското грозје се одвива забавено. Трипуновски тврдеше дека реколтата е над 100 милиони килограми, а досега се откупени 78 милиони килограми. Остануваат над 22 милиони килограми за откуп,“ наведуваат од СДСМ.

Тие прашуваат како ќе биде откупена оваа количина од винарија која, како што велат, последен пат вршела откуп пред пет години и тоа со капацитет од едвај 7 милиони килограми.

„Дали винаријата ‘Вардар’, за која Трипуновски најавува дека ќе ги откупи дополнителните количини во тиквешкиот регион, има обезбедено финансиски средства за исплата на лозарите, кога од 2020 година воопшто не врши откуп?“ прашуваат од СДСМ.

Во соопштението се додава дека лозарите се изморени од празни ветувања и очекуваат реални решенија, а не манипулации.

„Дали се подготвува нова измама на лозарите, како во 2016 година, кога партиски блиските визби добија пари, а лозарите останаа со неплатено грозје? Трудот на лозарот не смее да биде жртва на партиски игри и предизборни манипулации. Лозарите бараат реална цена, сигурен откуп и навремена исплата, ништо повеќе, ништо помалку,“ стои во реакцијата на СДСМ.

Слични Објави