ЕУ поделена околу напредокот на Србија во пристапните преговори
Обидот на Европската комисија да ја придвижи напред кандидатурата на Србија за членство во Европската Унија најверојатно нема да ја добие потребната поддршка од земјите членки, објави „Политико“, повикувајќи се на дипломати и официјални лица, пренесува БГНЕС.
Комисијата ќе побара од амбасадорите на ЕУ во Брисел да го одобрат отворањето на нов преговарачки кластер за Србија. Станува збор за Кластер 3, кој се однесува на усогласување со правилата на единствениот пазар, меѓу кои признавање професионални квалификации и олеснување на прекуграничното работење.
Сепак, неколку влади се скептични, а Холандија е подготвена да стави вето. Несогласувањата го отвораат поширокото прашање дали проширувањето на ЕУ треба да се користи како геополитичка алатка или да остане строго врзано за напредокот во демократските и судските реформи.
„Отворањето на Кластер 3 во преговорите за пристапување на Србија кон Европската Унија е одамна задоцнето“, изјави српскиот министер за европска интеграција Немања Старовиќ. Според него, Србија речиси пет години е во застој во оваа фаза, а ново одложување би било „најдобар можен подарок за антиевропските политички сили“.
Европската комисија во внатрешен документ оценила дека Србија неодамна исполнила значајни делови од преземените обврски и дека го коригирала назадувањето поврзано со спорните закони усвоени во јануари. Сепак, во друг доверлив извештај Комисијата предупредува на сериозни проблеми со човековите права, зголемен притисок врз граѓанското општество и новинарите, како и недостиг на напредок во големи случаи на корупција.
Дел од земјите членки сметаат дека забрзувањето на српската кандидатура би испратило погрешен сигнал, особено поради блиските односи на Белград со Русија и фактот што Украина и Молдавија сè уште не ги отвориле сите свои преговарачки кластери.
Доколку не биде постигната согласност за отворање на кластерот, Комисијата, според „Политико“, ќе разгледува други начини да го награди Белград за неодамнешните законодавни промени.
Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ изјави дека Белград останува целосно посветен на реформите. „Во случајот на Србија, проширувањето очигледно е заемно корисно и претставува чин на стратешка далекувидост“, рече тој.

