|

Европол уапси 92 шверцери на мигранти на балканската рута, земале 3.000 евра по човек

Во акцијата на Европол, која беше спроведена на 16 јануари во соработка со бугарските власти, беа уапсени 92 лица поврзани со организиран криминал и криумчарење мигранти на таканаречената балканска рута.

Заедничките операции се одржаа низ Бугарија и се фокусираа на голем број мрежи кои криумчареле мигранти од Турција преку Бугарија во Србија, а потоа во Западна Европа, вклучително и Хрватска. Главните организатори на мрежите по оваа рута беа лоцирани во Бугарија, Србија и Турција и создадоа свои национални мрежи на членови одговорни за транспорт и сместување во нивните земји.

Исплата до 10.000 евра
Главните начини на транспорт што ги користеле шверцерите биле комбиња, камперски комбиња и автобуси. Цените на комплетната услуга за криумчарење во поголеми групи се движеа меѓу 2.000 и 3.000 евра по лице. Доколку мигрантите се шверцувале во помала група од пет-шест лица, исплатите достигнувале и до 10.000 евра. Плаќањата за целото патување би се вршеле откако главниот организатор од Турција ќе потврди дека мигрантите стигнале до бугарско-српската граница.
Бугарските власти објавија зголемена активност на криумчарење мигранти на нивната јужна граница. Во август 2022 година, инцидент во кој учествуваше автобус кој превезува мигранти доведе до смрт на двајца полицајци на должност. Подоцна истата година, еден бугарски граничен полицаец беше убиен за време на редовна патрола на зелената граница со Турција. Овие инциденти укажуваат на зголемување и на шверцот и на насилството на инволвираните криминални мрежи.

На крајот на минатата година, Европол ја зголеми поддршката за бугарските власти со испраќање аналитичар. На денот на акцијата, 16 јануари, Европол испрати експерт во Софија за да обезбеди аналитичка поддршка во реално време и вкрстена проверка на оперативните информации во базите на податоци на Европол.

Извор: vecer.press



Слични Објави