FACEBOOK ВОЈНА: КОВАЧЕВ СЕ ЗАКАНИ ДЕКА ПОЗИЦИЈАТА НА ДИМИТАР ДИМОВСКИ „ГЛУМЕЦ“ ЗА БУГАРИЈА ЌЕ ИМА ПОСЛЕДИЦИ ЗА ВМРО-ДПМНЕ
„Господине Борисов, историјата (барем од последните три века) е наука која се базира на факти и записи кои ги составиле луѓето кои живееле во тоа време. А тие факти, а и документи, ја кажуваат единствената вистина. Бугарија за време на втората светска војна била во коалицијата на фашистичките држави и била фашистички окупатор во Македонија. Од раката на тој окупатор истекла многу македонска крв и биле одземени илјади македонски животи. Тие факти неможе да се променат. Но, тоа што може да се промени е Бугарија да му се извини на Македонскиот народ за сите страдања и угнетувањето кое му го причинила во тој период. Ние, Македонците, сме добри христијани и верувам дека ќе простиме. Но, не не терајте да заборавиме.
Гоце Делчев, еден од великаните на Македонија, можете да го славите и опевате, нема никаков проблем, ама како Македонец кој својот живот го дал за слободна и независна Македонија.
Македонскиот јазик, култура, традиција и историја, припаѓаат на Македонскиот народ.
За да се помагаме како соседи, како пријателски народи, не треба многу. Потребно е да ја зборуваме вистината и да сме искрени и чесни едни кон други.
До тогаш, останете во добро здравје“, напиша на својата официјална facebook страна Димитар Димовски.
На оваа објава реагираше бугарскиот европратеник од редовите на ЕНП, Андреј Ковачев:
„Очекувам г-дин Христијан Мицковски, со кого имавме средба пред два дена во Загреб, да се дистанцира од катастрофалната позиција на неговиот колега и член на ВМРО-ДПМНЕ Д. Димовски, познат и по неговиот разузнавачки прекар „Глумец“. Овие позиции нè враќаат во времето на Тито кога југословенските комунисти зборувале за Бугарија. Го повикувам да го стори тоа многу брзо, јасно и нагласено! Неуспехот да се стори тоа значи дека тој се согласува со ставот на Димовски и дека ова е официјалното размислување на раководството на оваа партија за Бугарија! Ширењето омраза кон Бугарија и историските лаги и манипулации не е европска вредност и не може да се толерира! Доколку тоа не се случи, ГЕРБ официјално ќе го постави предметот пред новото раководство на ЕНП и ќе преземе соодветни последнователни дејствија!“
