ПОЧНАА ПОДГОТВИТЕЛНИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА КОНЗЕРВАЦИЈА НА ЦРКВАТА „СВЕТИ ВЛАСИЕ“ НА ШТИПСКИОТ „ИСАР“

Почнаа тендерските постапки за реализација на проектот „Културен мост низ вековите“, а кој ќе се реализира со европски пари, односно преку Програмата за меѓугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија. Проектот ќе овозможи по подолго време работа на археолозите на северниот дел од тврдината „Исар“, односно на црквата „Свети Власие“.

Андреа Златковска од Центарот за развој на Источно Планскиот регион информира дека веќе во тек се две тендерски постапки за реализација на проектот, којшто како партнери го реализираат со народното читалиште „Георги Тодоров“ од бугарската општина Белица, а во проектот се вклучени и Музејот на Град Штип и Општина Штип.

Директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на Град Штип, Митко Штерјов појаснува дека во рамките на проектот предвидена е конзервација на црквата „Свети Власие“.

– Исто така ќе се работи и на бедемот, одбранбените ѕидови околу неа и тој целиот дел да се направи како туристичка понуда, односно да се направи патека до црквата, ќе се постават клупи и осветлување, вели Штерјов.

Со потпишување на договорот меѓу двете страни проектот веќе е почнат со реализација од септември 2019 година, а активностите на терен се планирани на пролет, кога ќе овозможат временските услови, а планирани се и обуки и други настани во рамките на овој проект.

Слични Објави