Бајден најави воена помош за Украина: „Путин мислеше дека Украина е слаба, а Западот е поделен“
Американскиот и украинскиот претседател Џо Бајден и Володимир Зеленски разговараа во Киев за оружје со долг дострел и нов пакет воена помош, објави украинскиот претседател.
Бајден утрово пристигна во ненадејна посета на Киев. Зборувајќи по разговорите, Зеленски рече дека воената поддршка ќе биде вредна 500 милиони долари, а повеќе детали ќе бидат објавени утре.
Белата куќа објави соопштение и по пристигнувањето на Бајден во Киев.
„ Додека светот се подготвува да одбележи една година од руската брутална инвазија на Украина, денеска сум во Киев за да се сретнам со претседателот Зеленски и да ја потврдам нашата непоколеблива посветеност на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Кога Путин ја започна својата инвазија пред речиси една година, мислеше дека Украина е слаба, а западот е поделен, мислеше дека може да нè надживее, но не беше во право.
Денеска во Киев се среќавам со претседателот Зеленски и неговиот тим за поширока дискусија за нашата поддршка за Украина. Ќе објавам уште една испорака на критична опрема, вклучувајќи артилериска муниција, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување, за заштита на украинскиот народ од воздушни бомбардирања. Подоцна оваа недела ќе објавиме дополнителни санкции против елитите и компаниите кои се обидуваат да ја избегнат или надополнат руската воена машина“, се вели во соопштението.
Белата куќа додаде дека пакетот ќе вклучува муниција HIMARS, противоклопни системи и радари за воздушно набљудување.
„ Во текот на изминатата година, САД изградија коалиција на нации од Атлантикот до Пацификот за да помогнат во одбраната на Украина со невидена воена, економска и хуманитарна поддршка – и таа поддршка ќе продолжи“, се вели во соопштението на Белата куќа.