Фестивалот на занаетите „Ноќ на Самоводската чаршија“ во Велико Трново е посветен на Второто Бугарско Царство
Фестивалот на занаетите „Ноќ на Самоводската чаршија“ во Велико Трново годинава ќе биде посветен на Второто Бугарско Царство, соопштија организаторите од Општинската туристичка агенција „Царевград Трнов“. Манифестацијата ќе се одржува од 18 до 23 септември, пренесува БТА.
Програмата е поврзана со животот во времето на Второто Бугарско Царство, период кога Трновград бил центар на државноста, културата, книжевноста и занаетчиството.
Во текот на шесте фестивалски дена, занаетчиите од Самоводската чаршија, заедно со десетици гостински мајстори, ќе ги претстават традиционалните бугарски занаети и нивното современо продолжување.
На отворената сцена е предвидена богата музичка и културна програма. Во дневните часови ќе настапуваат најмладите пејачи и танчари од различни школи.
Во вечерната програма концерти ќе одржат групите „Funkilicious“ и „Диана Експрес“. Со дефиле и концерт ќе настапат и музичарите од „Junior Band“, како и групата „Шекерова и Лажните херои“, со познати бугарски хитови, авторски песни и програма посветена на творештвото на Тодор Колев.
Во рамки на фестивалот се најавени и огнено шоу, забава со пена, латино-забава, настапи на артисти на штули облечени во народни носии, како и повеќе креативни работилници.

