| |

ФИЛИПЧЕ ГИ ОТФРЛА ОБВИНУВАЊАТА ОД ИТАЛИЈАНСКИОТ ВЕСНИК

Зошто беше вратен авансот од кинеските вакцини? Ова прашање повторно се актуелизираше откако италијанскиот весник „Ла верита“ објави сомнеж дека Македонија користела фантом фирма со седиште во Хонг Конг за набавка на вакцините, а која била спомената во две писма од министерот за здравство Венко Филипче до „Синофарм’“, по што според весникот официјален Пекинг се посомневал дека можеби се наоѓаат пред обид за измама.

Премиерот Зоран Заев негираше било какво незаконско дејствување во обидот на Владата да набави кинески вакцини, но сепак призна дека се правеле нарачки и преку приватни фирми затоа што Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.

Пишувањата на „Ла верита“ ги демантира и министерот за здравство Венко Филипче. Тој за Канал 5 потврди дека се обиделе набавката да оди преку приватни фирми, но на крај се покажало дека тоа не е правилниот пат, по што крајната одлука била да се оди преку кинеската амбасада и кинеското МНР.

Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека се работи за здравствен скандал. Побараа одговорност од власта бидејќи наместо на вакцини мислела на профит преку фантом фирми.

„Ла Верита“ важи за контроверзен весник близок до есктремнодесничарските партии. Во весникот, кој меѓудругото, ги објави снимките и од разговор меѓу Орце Камчев и Боки 13 за случајот „Рекет“, во континуитет се објавуваат информации со кои се атакува на сите што размислуваат поинаку од Салвини, Орбан, Јанша, и од останатите претставници на радикалната десница.

Слични Објави