|

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ свесно ги турка граѓаните во сиромаштија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во објава на социјалната мрежа Фејсбук остро ја критикува економската политика на Владата, обвинувајќи ја дека граѓаните се соочуваат со сè потешка економска реалност.

„Пред еден од најтешките месеци во годината, граѓаните се соочени со суровата економска реалност, сè е поскапено, а платите стојат. ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја прекинаа спиралата на раст на платите што ја започна СДСМ. Инфлацијата од 4,8% секој месец го јаде животниот стандард. Граѓаните живеат полошо,“ напиша Филипче.

Тој посочи дека синдикалната потрошувачка кошничка за август изнесува над 65.000 денари, што, според него, значи дека дури и две минимални плати не се доволни за едно семејство да го преживее месецот.

„Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност,“ предупреди лидерот на СДСМ.

Филипче додаде дека СДСМ има конкретен план за подобрување на животниот стандард. Планот предвидува зголемување на платите во сите сектори, покачување на минималната плата на 500 евра и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи.

Слични Објави