Истрага против 13 лица од криминална група – вршеле фиктивна трговија со горива за да избегнат плаќање данок
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против 13 лица, меѓу кои четворица државјани на Косово и една државјанка на Хрватска.
Оваа постапка следува по акцијата на Управата за финансиска полиција во Липково, Куманово и Желино, во која беа уапсени седум лица.
Според обвинителството, осомничените во периодот од 2014 до 2023 година креирале мрежа од фирми преку кои вршеле фиктивна трговија со нафтени деривати. Преку издавање лажни фактури избегнувале плаќање данок и остварувале незаконски поврат на ДДВ.
Направената штета за буџетот на државата се проценува на околу 7 милиони евра.
Јавниот обвинител предложил мерка притвор за сите осомничени. Досега се обезбедени седум лица, за кои судот прифатил притвор во траење од 30 дена. За останатите шестмина, од кои пет се странски државјани и еден македонски, притворот ќе биде определен во отсуство.
