Фон дер Лајен: Европа мора да ја зајакне одбраната за да ја спречи „хибридната војна“ на Русија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европа мора значително да ја зајакне својата одбрана за да ја одврати „хибридната војна“ што Русија ја води против Европската унија, пренесува БГНЕС.
Нејзините коментари дојдоа по серија воздушни нарушувања, кибер-напади и оштетувања на подводни кабли, пренесе АФП.
„Овие инциденти се внимателно пресметани за да останат во полумракот на негирањето. Тоа не е случаjно– тоа е систематска и ескалирачка кампања“, изјави Фон дер Лајен во обраќање пред Европскиот парламент.
„Два инцидента може да бидат случајност, но три, пет, десет – тоа е намерна и насочена кампања во сивата зона против Европа, и Европа мора да одговори“, нагласи таа.
Во последните недели, земјите членки на ЕУ – Полска, Естонија и Романија – се соочија со руски воздушни нарушувања, додека во Данска, Германија и Белгија беа забележани неидентификувани дронови.
Европските држави веќе ги зголемија своите трошоци за одбрана до нивоа невидени од крајот на Студената војна, поттикнати од руската војна во Украина. Сега Унијата работи на планови за заеднички одбранбени проекти, меѓу кои и создавање „ѕид“ од системи за заштита од дронови.
„Не смееме само да реагираме. Мора да одвраќаме, затоа што ако се двоумиме, сивата зона ќе се прошири. Главната мисија на Европската унија е зачувување на мирот, а денес тоа значи да имаме капацитет да одвратиме агресија и провокации“, изјави Фон дер Лајен.
На претстојниот самит во Брисел овој месец, лидерите на ЕУ ќе се обидат да се договорат за „патоказ“ кој ќе ја подготви Унијата за одбрана од руските закани во наредните години.
„Тоа нема само да постави заеднички цели, туку и конкретни чекори и рокови до 2030 година, бидејќи сите знаеме дека само она што се мери, навистина се реализира“, нагласи таа.
Фон дер Лајен истакна дека справувањето со „руската хибридна војна“ бара „целосно нов начин на размислување“ од сите членки на Унијата.
„Изборот е јасен – или ќе се повлечеме и ќе гледаме како растат руските закани, или ќе им одговориме со единство, одвраќање и решителност“, порача таа.

