Форум со учество на бизнис претставници од Бугарија и Северна Македонија ќе отворат во Скопје министрите за надворешни работи на двете земји
Министрите за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков и на Република Северна Македонија, Бујар Османи ќе отворат економски форум во Скопје под мотото „До една милијарда и понатаму“, во знак на преминување на границата од 1 милијарда евра во трговијата за 2022 година, што се случува за прв пат во историјата на односите меѓу двете земји, јавува БТА.

Бизнис форумот беше договорен за време на средбата на Милков и Османи во рамките на бугарското претседателство со Централноевропската иницијатива и учество во него ќе земат над 150 претставници на деловните кругови на најголемите компании од двете земји, претставници на стопански комори и институции од економскиот сектор од Бугарија и Северна Македонија.
Форумот е под покровителство на двајцата министри за надворешни работи, а покрај нив во откривањето ќе учествуваат и Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора на Северна Македонија, Кирил Лазаров, претседател на Македонско-бугарската стопанска комора, Пламен Павлов, претседател на Бугарско-македонската стопанска комора, Хаирула Мисими, директор на Агенцијата за претприемништво на Северна Македонија, Бојко Таков, извршен директор на Извршната агенција за промоција на малите и средни претпријатија, Дрилон Исени, извршен директор на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Во рамките на форумот ќе се одржат средби на бизнис претставници од двете земји во три главни панели – енергија и инфраструктура, прекугранична соработка, земјоделски и рурален туризам, вклучително и СПА и медицински туризам, а третиот панел е фокусиран на ИТ и индустрискиот развој.
Во рамките на економскиот форум чија цел е создавање одржливи деловни контакти и запознавање со спецификите и можностите на пазарот од регионот и дополнително стимулирање на заедничките инвестиции, програмата предвидува бројни меѓусебни средби на бизнис претставници од двете земји, а ќе бидат потпишани и договори за соработка меѓу компании од Бугарија и Северна Македонија.

