| |

(Фото)Ексклузивно: Писмо на сопругата на д-р Христо Татарчев- Софија до донаторите на неговата гробница во Торино

Доцент д-р Спас Ташев од Бугарската академија на науките ни испрати ексклузивен материјал писмо на сопругата на д-р Христо Тататрчев, Софија Татарчева, испратено во знак на благодарност до Петар Чукалев, еден од донаторите за надгробната плоча на нејзиниот покоен сопруг првиот претседател на ВМОРО.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното писмо на Софија Татарчева, објавено во органот на МПО „Македонска трибуна“ по повод годишнината од смртта на г-ѓа Татарчева.

Торино 26 март 1954 год.

„Почитуван г-н. Чукалев,

Со особена почит се обраќам кон Вас и кон Вашите пријатели- сите искрени почитувачи на мојот покоен сопруг д-р Христо Татарчев, за тоа што сте ја преземале иницијативата да се постави надгробна плоча по случај две години од неговата смрт. Г-н Асен Аврамов своевремено ме информираше за тоа и ја остави на располагање испратената од Вас сума на нашиот пријател д-р Тома Флоров за да се исполни Вашата иницијатива и желба. Плочата, направена од убав црн гранит со неопходните написи на италијански и бугарски јазици е веќе поставена и соѕидана врз гробницата, токму како што тоа го бараат препораките на Управата на торинските гробишта. Јас знам дека почитта така изразена од Вас и Вашите пријатели кон покојниот д-р Христо Татарчев е манифестација кон идеалот и борбата за ослободување на Македонија на кои тој им служеше со мисла и дело за време на целиот свој живот. Вашиот гест има уште поголемо значење денес кога нашата родина Македонија страда од режими многу потешки од кои и да било во минатото.
Покојниот д-р Христо Татарчев и јас бевме во Ресен- Македонија под белградско ропство по 1944 година, откако овој дел на отечеството повторно беше вклучено во Југославија. Ние со сопствените очи видовме какви жестокости се вршеа врз нашиот народ. Како истиот беше подложен на уништување под големата лага, дека постоела некаква божемска македонска Република во Југославија. И првиот претседател на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација заедно со мене болен и на стари години требаше да бега од својот роден град Ресен од денешна поробена Македонија, за да се спасува од новите поробувачи. И Вашиот гест ќе покаже дека идеалите на ВМРО и на целото македонско ослободително движење ни од далеку не се постигнати, и дека сите синови на Македонија каде и да се наоѓаат ќе треба да ја продолжат борбата за слобода и обединување на Македонија така како што таа беше објавена во Ресен во 1894 година од основачите на Организацијата меѓу кои беше и мојот покоен сопруг. Како сопруга на покојниот д-р Татарчев Ви должам специјална благодарност Вам и на Вашите пријатели за грижата што сте ја положиле за разубавувањето на неговата гробница во Торино. Но мојата благодарност и утеха се безгранични, бидејќи во Вашиот гест го гледам живо ослободителното дело на кое Татарчев беше еден од основачите и една гаранција дека истото нема да загине додека Македонија не биде ослободена целосно во една независна македонска држава. Должна сум исто така да Ве информирам дека од сумата којашто Вие сте испратиле за изградбата на гробницата се останати 30 000 италијански лири (од прилика 50 долари). Овој остаток ми беше испратен на мене, за кое што ја изразувам својата благодарност кон дарителите. Ве молам да ги примите Вие лично и пренесете им на Вашите пријатели моите најискрени поздрави за Ваш успех и за успехот на македонскиот ослободителен идеал.
Искрено Ваша: Софија Хр. Татарчева“

Писмото на Софија Татарчева со нејзиниот своерачен потпис.

Слични Објави