ФРЧАТ ОГЛАСИ ЗА НОВИ ВРАБОТУВАЊА ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА, А ВЕТИЈА НЕЈЗИНО НАМАЛУВАЊЕ

Огласи за вработување на повеќе од четириесетина нови административци деновиве распишаа неколку владини министерства. Министерството за финасии на чие што чело е Фатмир Бесими веќе потпиша оглас за вработување на 36 лица, министерките за одбрана и за образование Радмила Шекеринска и Мила Царовска имаат потреба за уште по тројца советници…

Новите огласи се прават во ситуација кога владеачката партија СДСМ за време на изборната кампања вети намалување на јавната администрација за 20 проценти. И наместо намалувања – сосема спротивно се работи. Згора на тоа Зоран Заев неодамна најави можност на поранешни пратеници и владини функционери да се вработат во јавен секотор доколку не сакаат да користат апанажа.

Инаку, бројот на вработените во јавниот сектор се движи околу 140.000.

Од Министерството за финансии велат дека новите вработувања се неопходни поради зголемен обем на работата. Платите за овие лица ќе се движат од 15.600 за виш рефернет во Управата за имотно-правни работи до 30.000 денари за раководител на одделение во Управата.

-Се работи за редовна административна процедура за регулирање на работните места од кои Министерството има потреба, а не за зголемување на бројот на вработени. Имајќи предвид дека бевме во изборен период, сега се создадоа услови за пополнување на работните места на определен период до крајот на годината. За оваа намена се обезбедени и средства од Буџетот за 2020 година, велат од Министерството за финансии.

Во Министерството за образование се бараат тројца посебни советници, за образовни политики, за буџетска координација и за односи со јавност со плати од 50 до 60.000 денари месечно. Во Одбрана, пак, се бараат тројца посебни советници за политички прашања и надоврешна политика за плати од 35 до 50.000 денари.

Изгледа намалувањето на прескапата администрација ќе почека некое ново предизборие и тоа само во ветување, а не и во реализирање на ветеното.