|

Фросина Пармаковска со „Кривата Дијана“ ја освои книжевната награда „Пегаз“ за 2025 г.

Фросина Пармаковска е добитничка на книжевната награда „Пегаз“ за 2025 година, за ракописот „Кривата Дијана (роман за верижната вина)“. Жирито, во состав Соња Стојменска-Елзесер, Иван Додовски и Бисера Бендевска, едногласно го одбра нејзиниот роман како највреден меѓу 45 пристигнати ракописи.

Во образложението се истакнува дека делото отвора прашања за колективната вина и траумата, со суптилна критика на политичкиот систем, пишувано во духот на Достоевски, со силна психолошка и морална димензија.

Во најтесниот избор беа и романите: „Пацер“ на Коста Бојчески, „Изгубени низ дупки во џебовите“ на Ники Борас и „Солдат 1882“ на Добре Тодоровски. Жирито забележа жанровска разновидност, со доминација на криминалистички, научнофантастични и интимистички романи, како и силно присуство на женската нарација.

Пармаковска (1985, Скопје) досега има објавено пет романи, преведувани на повеќе јазици, и е добитничка на наградите „Роман на годината“ (2017), „Рациново признание“ (2024) и други.

Отворен е и конкурсот за „Пегаз“ 2026 – авторите можат да испраќаат необјавени ракописи на македонски јазик до 1 јуни 2026 година.

Досегашни добитници на „Пегаз“ се автори како Соња Манџук, Владо Јаневски, Александар Русјаков, Сибо, Јована Матевска-Атанасова и Владимир Јанковски.

Слични Објави