| |

Генералниот секретар на НАТО очекува повеќе детали околу придонесот на Европа кон гаранциите за Украина

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека очекува разговорите меѓу европските лидери во Париз да ги утврдат плановите за безбедносни гаранции за Украина и да отворат пат кон појасна слика за учеството на САД, јавува БГНЕС.

„Утре ќе се одржи важна средба, па очекувам утре или веднаш потоа да имаме повеќе детали околу тоа што можеме колективно да постигнеме“, рече Руте, цитиран од АФП. Тој додаде дека ова ќе овозможи уште поинтензивно ангажирање со американската страна за да се види кои се нивните конкретни цели.

На разговорите во Париз во четврток ќе присуствува и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, заедно со лидерите од т.н. „коалиција на подготвените“.

Групата, предводена од Франција и Велика Британија, брои околу 30 држави и планира да ја поддржи украинската армија, а евентуално и да распореди дел од сопствените војници во Украина доколку биде постигнато примирје. Целта на таквиот потег би била спречување на идна руска агресија.

Американскиот претседател Доналд Трамп, кој вложува напори за прекин на војната, најави дека Вашингтон може да има улога во поддршка на Европа, но исклучи испраќање на американски војници на терен. Засега останува нејасно какви обврски би прифатил.

Дипломати изјавија за АФП дека европските земји биле притиснати да претстават конкретни придонеси на состанокот на воените шефови минатата недела. Од кабинетот на францускиот претседател Емануел Макрон порачаа дека веќе има доволно гаранции за да можат да ѝ кажат на Америка дека Европа е подготвена да ја преземе својата одговорност, доколку САД дадат поддршка. Таа поддршка, според Макрон, може да вклучи разузнавање, логистика и комуникации.

Трамп се обидува, засега без успех, да организира средба на врвот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и Зеленски. Минатиот месец тој му приреди свечен прием на Путин во Алјаска.

Американскиот претседател изјави дека е „многу разочаран“ од Путин, бидејќи не успеал да постигне мир во Украина.

Слични Објави