|

Функционерите со нелегален имот да останат со празни раце и да добијат забрана да се занимаваат со политика, предлага Трајанов

Претседателот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, предлага закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, со кој, како што рече, почнува војна за искоренување на корупцијата и изградба на современа и демократска држава и држава полноправна членка на Европската Унија.

„Предлагам формирање независна агенција надвор од центрите на политичката и партиска моќ за борба против тешките облаци на организиран криминал и високата корупција, која ќе работи на откривање тешки кривични дела сторени од носители на јавни функции и други вклучени во организираниот криминал. Оваа агенција ќе го открива и скриениот имот на функционерите во државата и странство, ќе предлага конфискација на криминално стекнатиот имот и забрана на политичко дејствување до 10 години. Оваа Агенција ќе открива кривични дела со значителна вредност (над сто илјади евра), ќе ги анализира јавните тендери и ќе иницира кривична постапка“, рече Трајанов на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека агенцијата да биде екипирана со врвни професионалци, способни кадри и имуни на партиски и коруптивни влијанија. Директорот да го избира управниот одбор, составен од универзитетски професори, новинари, претставници од невладиниот сектор, адвокати, пратеници, обвинител и претставник од ДКСК.

Трајанов очекува повеќе пратеници да се приклучат како предлагачи и законот да се донесе до крајот на март.

Според него, пратениците и партиите што ќе го поддржат донесувањето и спроведувањето на овој закон се проевропски партии, кои ќе стават крај на разорното дејство на криминалот и на разнебитувањето на државата.



Слични Објави