Габриел на состанокот Г-7+ : Бугарија е доследна во својата позиција за поддршка на Украина
Вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија Марија Габриел учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи во форматот Г-7+. Состанокот организиран од американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерката за надворешни работи на Јапонија Јоко Камикава – ротирачки претседавач со Г-7 во 2023 година, беше со главна тема поддршката на енергетскиот сектор на Украина, јавува бугарското министерство за надворешни работи.
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, ги информираше присутните дека како резултат на руските напади, нанесена е непоправлива штета на енергетскиот систем на Украина и земјата има загубено значаен дел од својот енергетски капацитет. Тој ги запозна присутните со критичните области поврзани со зимската сезона каде е потребна помош од партнерите.
„Координација, превентивни активности и колективна поддршка – овие пораки беа во центарот на вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Г7+“, изјави вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел.
Таа во својот говор изјави дека Бугарија е доследна во поддржката за Украина. „Бугарија се приклучи на Декларацијата на Г-7 за поддршка на Украина, што е доказ за нашите континуирани долгорочни напори“, рече Марија Габриел.
Таа нагласи дека во последните месеци се прават напори за продлабочување на енергетската соработка меѓу двете земји и потсети дека за време на посетата на претседателот Зеленски на Бугарија, на почетокот на оваа година, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Министерството за енергетика на Република Бугарија и Министерството за енергетика на Украина.
„Бугарија останува целосно посветена во обезбедувањето помош за Украина во енергетскиот сектор, како и во сите други сектори, каде што е потребна нашата помош и можеме да ја обезбедиме. Овие обврски се јасен израз на нашата солидарност со Украина“, категорично изјави вицепремиерката на Бугарија.
Марија Габриел ја нагласи и итната потреба од дополнителна хуманитарна помош за Украина со оглед на претстојната зимска сезона и очекуваните тешкотии со снабдувањето со електрична енергија на населението.

