Габриела Илиевска ќе се кандидира за градоначалничка на Битола
Актуелната претседателка на Советот на Општина Битола и претставничка на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“, Габриела Илиевска, утрово официјално објави дека ќе се кандидира за градоначалник на Битола како независен кандидат.
Илиевска ги повика граѓаните да ѝ се приклучат во, како што вели, борбата против „30-годишното запоставување на градот“.
„Добро утро Битола! После сите шпекулации, написи, приказни, плукања, честитки … еве да расчистиме! Ве повикувам сите битолчани, без разлика дали сте симпатизери или членови на било која политичка партија, гласачи досегашни на било која политичка опција, досегашни ‘негласачи’ … сите… кои сакате да живееме во … поуба, почиста, непартиска, независна Битола. Да ме поддржите за независен кандидат за градоначалник и да се приклучите кон фронт против 30 и кусур годишното запоставување на градот“, напиша таа.
Илиевска порача дека битолчани треба да изберат дали ќе застанат заедно против партиското уништување на градот или ќе дозволат, како што вели, „тоа да продолжи“.
„Или сите заедно против партиското уништување на Битола или ќе му остајме да не уништуваат. Без уцени за работни места! Без уцени за тендери! Без уцени за директори! Без заплашувања, прв пат Битола ќе има шанса да одлучи кој ќе ја води во следните 4 години“, нагласи Илиевска.
