(Галерија) Бугарските класични музичари маестро Веско Ешкенази и виолинистот Евгени Ноев со прекрасен концерт во Скопје
Синоќа во камерната сала во Филхармонијата на Република Северна Македонија се одржа ексклузивниот концерт на виолинистот маестро Веско Ешкенази, организиран од Институтот за европски оркестарски изведби FAME`S, во соработка со Бугарскиот културно-информативен центар во Република Северна Македонија.
За време на концертот беа изведени делата „Лето“ од „Четири годишни времиња“ на Антонио Вивалди и „Серенада за гудачки оркестар“ на Петар Илич Чајковски. Гостин концерт-мајстор беше виолинистот Евгени Ноев.
Веско Ешкенази е концерт-мајстор на Кралскиот оркестар во Амстердам од 1999 година, лауреат е на меѓународниот конкурс за виолина „Виенјавски“ во Познан, на Кинескиот меѓународен конкурс во Пекинг и на конкурсот „Карл Флеш“ во Лондон. Добитник е на наградата „Музичар на годината“ за 2010 година на Бугарското национално радио.
Настапувал во Европа, САД, Јужна Америка, Индија, Кина, учествувал на фестивали како „Мидем“ во Кан, во Монпеље, Атлантик, Нант и Ремс во Франција, Новогодишниот музички фестивал во Софија, „Варненско лето“ и „ Аполонија“. Настапувал како солист со Кралскиот оркестар во Амстердам, Лондонската филхармонија, Англискиот камерен оркестар, Филхармонијата на Монте Карло, Филхармонијата на Софија, Симфонискиот оркестар на Мексико Сити, Холандската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Прага, Ирскиот национален симфониски оркестар, Берлинскиот симфониски оркестар и др.
Како концерт-мајстор соработувал со Монсерат Кабаје, Пласидо Доминго, Алексис Вајсенберг, Јури Башмет, Мстислав Ростропович и други светски познати имиња во сферата на класичната музика.
Евгени Ноев е концерт-мајстор на Софискиот симфониски оркестар и на Државниот музички театар „Стефан Македонски“ во Софија. Работел во Камерниот оркестар на Келн, бил солист во многу камерни и симфониски оркестри. Има настапувано во Германија, Чешка, Шпанија, Јапонија, како и низ целиот свет. Од 2011 година предава виолина во Националното музичко училиште „Љубомир Пипков“ во Софија.










