ГАЛЕРИЈА: “ХЕНДИКЕП ПЛУС“ ПОБАРА ЕДНАКВИ ПРАВА ЗА ЛУЃЕТО СО ПОПРЕЧЕНОСТ
Живот без бариери во сите сфери на живеењето, еднакви права и можности побараа синоќа во Музејот на Македонската револуционерна борба, лицата со попреченост на манифестација во рамките на проектот „ЕДНАКОВ ПРЕДИЗВИК “.
Претседателката на Здружението Хендикеп Плус Бранкица Димитровска, изјави дека на лицата со попреченост државата не треба да се сеќава само на 3 декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, бидејќи како што рече таа, еден ден не е доволен да се направи нешто повеќе за овие лица.
„Ние сакаме за лицата со попреченост да се зборува цела година и секој ден во годината да се прават напори да се унапредуваат нивните права и за нив да се создаваат еднакви можности. За овие лица, не треба да се говори што не можат, туку што можат. Овие лица бараат и државата одлуките што се однесуваат на нив, да не ги носат без нивно учество, затоа што тие најмногу знаат што им треба. Знаеме, дека државата има и други предизвици со кои се соочува, но мислиме дека доколку се работи посветено може многу да се направи“- изјави организаторката на манифестацијата Бранкица Димитровска.
На манифестацијата се обрати и министерот за култура Хусни Исмаили. Тој истакна дека согласно со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост сите имаме обврска да обезбедиме еднакви можности сите да можат да го оставарат својот сон и да го работат она за што се најталентирани.
Настанот го организираше Здружението Хендикеп Плус заедно со Музичката продукциска куќа АРП во рамките на проектот „ЕДНАКОВ ПРЕДИЗВИК “, финансиран од Министерството за Култура. Музички перформанс имаа прекрасните музичари од Kaly’s Music Challenge.
На манифестацијата беше промовиран и видео спотот на песната „Поим за cool“ посветена на луѓето со попреченост, во авторство на познатиот македонски кантавтор, Александар Ристевски Принц.



























