| | |

(Галерија) Во Бугарскиот културно-информативен центар беше отворена изложбата „Urban daydreaming“ на Л’чезар Бојаџиев

Вечерва по повод Денот на независноста на Бугарија, со почеток од 18 часот во галеријата на Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје беше отворена првата самостојна изложба „Urban daydreaming“ на еден од најпознатите современи бугарски уметници, Л’чезар Бојаџиев. Настанот претставува значаен културен мост меѓу двете соседни земји и можност скопската публика да се запознае со делото на автор кој со децении има меѓународно признание.

„Честит Ден на независноста! Во 1908 година во Трново, искористувајќи ја тогашната меѓународна ситуација, Бугарија ја прогласува својата независност. Во следните месеци со активна дипломатија и лобирање оваа независност е признаена од Големите сили, што покажува дека нашата дипломатија може да постигнува успеси. Оттогаш помина многу време и многу историски премрежја – и ако погледнеме – во ниту еден историски момент Бугарија не била побогата, по влијателна, подобро меѓународно позиционирана. Нашата задача од тука натаму е само да ја развиваме“, рече амбасадорот на Бугарија во Република Северна Македонија Желјазко Радуков, поздравувајќи ги присутните во затворената галерија на Бугарскиот културно-информативен центар дипломати, претставници на уметноста, гости, јавува БТА.

Директорката на Бугарскиот културно-информативен центар Антонија Велeва посочи дека авторот Љачезар Бојаџиев со своето дело го покажал обемот на своето творечко мислење, а кураторката на изложбата Ана Франговска го определи како „творец од исклучително висок ранг, една од најсилните интелектуални творечки фигури во современата уметност во регионот и надвор од него“, а неговото дело е „меѓу критичната иронија и визионерската имагинација“.

„Градско бленување“ претставува два од најзначајните циклуси на Л’чезар Бојаџиев – „Утописки решенија за дистописки градови“ (2007–2024) и „Општествен обем, приватна големина“ (2022–2024). Во рамките на еден простор тие се среќаваат како заедничко поле на идеи за градската средина, спомениците и улогата на уметноста во општеството.

Ироничните комбинации помеѓу двата циклуси создаваат ново „градско бленување“ – така изложбата ги претвора утопиите и спомениците во поетски декларации за „концептуализам со човечко лице“ и го повикува гледачот кон истовремено емотивен и интелектуален дијалог за иднината на градовите, соопштуваат од Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје.

Уметникот Л’чезар Бојаџиев посочи дека не е првпат во Скопје, а минатата година учествувал во творечката колонија во с. Галичник во Северна Македонија.

„Овој циклус е постојан простор, ја опфаќа темата како личното може да се поврзе со општественото. Ми е драго што сум уметник и што темите кои ме занимаваат се интересни, важни и за други луѓе“, рече тој.

Интересите на авторот на „Градско бленување“ се насочени кон проблемите на екологијата, градските утопии, местото на уметникот и уметноста во животот низ целиот свет.

Претходно Бојаџиев се сретна со студенти од Факултетот за уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Л’чезар Бојаџиев (роден 1957 во Софија) е еден од највлијателните и најплодни современи уметници во Бугарија. Завршил историја на уметност на Националната ликовна академија во Софија. Од 1980-тите години е активен на полето на современата уметност и познат по мултимедијални проекти, инсталации, фотографии и урбани интервенции. Неговите дела се изложувани во бројни престижни музеи и галерии ширум светот – од Европа, преку САД, па сè до Азија. Бојаџиев е ко-основач на Институтот за современа уметност – Софија, каде активно придонесува за развој на современата уметничка сцена во регионот.



Слични Објави