| |

ГОДИНА НА ОСПОРУВАН ИДЕНТИТЕТ

Светот долго ќе се сеќава на оваа 2020 година, полна со предизвици, прикриени и отворени судири, земјотреси и поплави, и конечно, страшната пандемија на Ковид 19, која речиси го запре пулсирањето на планетата и го реорганизира начинот на живеење на целокупното човештво. Покрај сето ова, ние во Македонија ќе ја помниме оваа 2020 година и како година на оспоруваниот македонски/македонистички идентитет, појава речиси за сите неочекувана, со навестување дека не ќе може да биде решена во блиска иднина, барем не на начин на кој што се надева македонската страна.

Цели сто години на меѓународната сцена повремено се појавува прашањето за македонскиот национален идентитет, за историјата на македонскиот народ, но и за неговата иднина. И теба да се признае, најмалку во Македонија се говореше за оваа тема, најчесто како отворено и безскрупулозно спротиставување на бугарските тези за македонскиот идентитет, секогаш со конечната изјава за бугарите-татари и со безрезервната јасна и отворена поддршка од страна на патронот Белград. Молчелива и двосмислена поддршка имаше и од советската “братска“ Русија и некои други “братски“ социјалистички држави. Но, тоа беше некогаш…

Триесетина години Македонија се бореше со соседната Грција за правото на користење на сопственото име, без никакви додавки. Што ли не се направи, колку ли паметници не се поставија, колку ли семинари не се одржаа, колку ли “научници“ не ни кажаа дека светот почнува од нас, а нашето писмо, старо над 300 000 години е основа на писменоста на целиот свет, писмо забележано на прочуениот Камен од Розета…наводно, и целиот свет бил на наша страна. Работите се решија преку ноќ, потпишавме дека сме “северни“ и тоа erga omnes, веќе разбудени од опјниот сон, проследен со тежок мамурлук. Разбравме дека нема писмо старо колку што ни велеа, разбравме дека не лажеле, а не лажеле и за Каменот од Розета, кој одамна бил разчитан и преведен, а демотското писмо на него нема никаква врска нити со нас, нити со нашето писмо. Ни остана само Скопје , нашиот недовршен Дизниленд за кого ќе треба да одбележиме дека е “хеленски“, многубројните исто така паметници низ земјата кои ќе станат хеленски, и финансиските долгови кои ќе треба да се платат…за тоа најмалку се тревожиме, ние пари никогаш не сме имале, секогаш сме биле “најсиромашните“ даже и во “братската“ СФРЈ. Најважното нешто беше дека изгубивме дел од идентитетот со кој толку се гордеевме пред светот. Тој, античкиот идентитет безусловно им го отстапивме на Грците, а за трегедијата да биде комплетна, сега нема да имаме право да кажеме дека принцот на Хунзите е наш братучед, па така тој наместо во нашата црква, ќе оди во грчките цркви. Разбравме и уште една вистина. Нашите најблиски соседи, Србија и Албанија, заедно со македонските албанци, тихомолком но безрезервно ја поддржуваа Грција, некогаш јасно упатувајќи закани до македонската политика “да се опамети“…не се опаметивме!

Потоа на ред дојде и Бугарија. Остана нејасно кој кого го натерал да потпише договор за соработка и добрососедство, ама потоа стана јасно дека Бугарија различно го толкува договорот од нас. Се формираше комисија, делегации се среќаваа, работата стигна дури и до именување на специјален пратеник на Македонија во Софија, но бугарската страна најде начин да ја убеди Европа да не го става присоединувањето на Македонија на дневен ред за оваа година…практично вето. Македонија остана на ветрометината на бугарската атака, притисната да се откажува од своето средновековие олицетворено во цар Самуил и светите Кирил и Методиј, за потоа да дојдат на ред и светите Климент и Наум, за сето да заврши со националноста на симболот на македонската борба, Гоце Делчев. Тука “се скрши колата“, падна неформалното вето, а сеуште не сме дошле до Преродбата, Миладиновци, Прличев, не сме пипнале нито во идејата, идеологијата и националноста на ВМОРО…сето тое е далечна и маглива иднина. Ние ги обвинуваме бугарите во некаков фашизам, што и не е така страшно во овој момент и во европските рамки и узанси, а тие нас ни кажуваат дека за тоа не треба ни да разговараме, затоа што не сме постоеле до 2 август 1944 година. Тоа се позициите.

Добро подмачканата македонистичка машинерија се пушта во погон за да бара сојузници против “клетите бугари-татари и фашисти“. Одзивот е слаб. Навистина, во бугарскиот печат се промакнуваат изјави на либерално и соросоидно настроени автори од самта Бугарија, но и од определени европски средини, дека “Бугарија не е разбрана во ЕУ“, но бугарското раководство за тоа не го боли глава. Шокантно е молчењето на Белград, нашиот главен ментор и поттикнувач на сите недоразбирања со Бугарија. Го нема веќе Тито со неговите безмерни амбиции да летува на Варна, а Георги Димитров да му прави појадок, па актуелната српска политика дава само млаки изјави на согласност со македонските позиции. Знаат дека набрзо доаѓа редот некој да треба да даде согласност и за нивните позиции, без оглед на тоа што превејаниот лажец Вучиќ тврди дека тој нема да оди во НАТО а за ЕУ ќе разговара како претставник на “суверена држава“…лаже, а знае дека во денешна Европа нема суверени држави, барем не такви како што тој сака да ја претстави Србија.

Цели сто години на Македонија не и беше дозволено да разговара за својот идентитет, освен за она што се нарекува македонистичко. Македонците прво беа јужносрбијанци, потоа македонци, па во времето на подемот на Југославија и Тито беа југословени, за по 1990 година некој да ги убеди дека се “александринци“. Тие идентитетски метаморфози не можат да ги преживеат ни поголеми и посилни нации од македонската. Еден голем комплекс на семејства кои го сочувале своето бугарско етничко самосознание, исто така минуваат низ повеќе фази. Прво е борбата против фанариотите, оличена како борба за самостојна црква-бугарската Егзархија, а потоа борбата за национална слобода претставена од ВМОРО. По расцепот во движењето, едните поминуваат во блокот на автономисти со Тодор Александров, за да завршат со Ванчо Михајлов, како михајловисти, со напори да формираат самостојна македонска држава со претежно бугарски етнички карактер. Вторите, преку турскиот агент Сандански, од санданисти, стануваат протогеровисти, за да завршат во подразделението на НКВД, поточно, во предавничката агентура насловена како ВМРО(об) и на крајот да станат комунисти и југословени.

Сето тоа се чува во колективната меморија на македонците, а е уредно забележано и во досиеата на УДБ-а. Тие досијеа, од кои поголемиот дел е во архивите во Белград, се реперот према кој се реагира од српската политика кон македонските амбиции. Ивица Дачич навистина не ги сака бугарите, но упатува и презиви забелешки кон македонските раководители од типот на “ми смо вам признали и језик и националност“. Кажува отворено дека “смо признали“ како нешто што ни е дадено од нивната добра волја, а не како нешто што ни принадлежи. Досијеата на Белград точно кажуваат кои сме биле, кои и какви сме станале и ги отвораат дилемите на нашето натамошно опстојување.

Цели сто години бугарската страна ги одмолчуваше нашите македонски, но и српските навреди кон бугарските политичари и кон бугарскиот национален идентитет. Ние можеме што сакаме да си кажеме и мислиме, но оваа генерација бугарски политичари, Бојко Борисов, Екатерина Захариева, Каракачанов, па дури и претседателот Радев имаат точна концепција како треба да се уредат македонско бугарските односи на национален и етнички план, со оглед дека се признава македонска државност и јазик од 1944 година наваму. За се друго ќе се преговара со разумни аргумени и, ако баш сакате, со неразумно долго време на преговори. Нерзумно е за нас, бугарите немаат проблеми со времето, тие стигнале таму каде што тргнале по 1990 година.

Бугарија имала големи политичари од калибарот на еден Андреј Љапчев, Александар Цанков, или дипломати од рангот на Симеон Радев. Имала и предавници по однос на Бугарите во Македонија, како на пример Александар Стамболиски, кој за тоа платил со главата. Денешниот корпус на бугарски политичари Борисов-Захариева-Каракачанов добро го проучил времето и условите на своите предходници, и се научиле на грешките. Ова е ново време и македонската страна ќе треба да научи што е тоа “мирољубива коегзистенција“ во вистинската смисла на думата.

Пандемијата на Ковид 19 дојде и ќе помине, а оваа година најмногу ќе ни остане во сеќавање со бугарските позиции за нашето оневозможување да се приопштиме кон големото европско семејство, каде секако и неспорно припаѓаме. Мартовските избори во Бугарија нема да го решат нашето прашање, изборите само ќе го разрешат преструктуирањето на моќта и парите во самата Бугарија. Се друго ќе остане исто.

Во наредната 2021 година, покрај доброто здравје и ослободувањето од коронакризата, треба да промислиме колку и што можеме да побараме и колку и што другата-бугарскта страна е готова да даде. Порано само земавме, земавме историја, идентитет, јазик и се друго, но сега ситуацијата се промени и да не дозволиме нам да ни земаат повеќе отколку треба.

Автор: Владимир Перев



Слични Објави