|

Гаши, Милошоски и Лукаревска на средба со претставници на Европскиот суд на ревизори: Во фокусот Планот за раст на Западен Балкан и придобивките од неговата имплементација

Лаима Луција Андрикиене, членка на Европскиот суд на ревизори, го посети денеска Собранието на Република Северна Македонија, каде што оствари заедничка средба со претседателот Африм Гаши, со потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и со претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.

На средбата присуствуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и Томас Макевициус и Пјетро Пуричела од Европскиот суд на ревизори.
Во фокусот на дискусијата беше Планот за раст на Западен Балкан и очекуваните придобивки од неговата имплементација во процесот на евроинтеграција на регионот и конкретно на нашата земја.

Во тој контекст, беа разменети мислења за реформските агенди на земјите од регионот, чие усвојување во институциите на ЕУ е предуслов за реализација на финансиската помош.

Посебен акцент беше ставен на критериумите во делот на владеењето на правото, како и на можностите за економски раст и за подигање на капацитетите на институциите и на администрацијата во земјите од регионот, како аспиранти за полноправно членство во ЕУ.

Претседателот Гаши истакна дека за граѓаните на Северна Македонија, како и за целиот регион, е од големо значење да почувствуваат конкретна помош од ЕУ во финансиска смисла, како поттик за понатамошна посветеност за спроведување на реформите.

Потпретседателот Милошоски забележа дека Планот за раст на Западен Балкан носи придобивки и за двете страни, односно и за земјите од регионот и за Европската Унија, како своевиден понатамошен поттикнувач на ентузијазмот во однос на евроинтеграцијата.

Пратеничката Лукаревска рече дека во Собранието на РСМ, независно од политичките провениенции на пратениците, генерално, нема разлики во поглед на членството на земјава во ЕУ, така што Планот за раст на Западен Балкан е од посебно значење за понатамошно јакнење на тој консензус.



Слични Објави