ГДУ- КУМАНОВО: НА НИКОЈ ДА НЕ СЕ ПОВТОРИ АГОНИЈАТА НА ИЛИНКА АРСОВА

//

„Случајот на пациентката Илинка Арсова , по еден ден од објавувањето во јавноста е решен со префрлување на болната во приватната болница Acibadem Sistina во Скопје. Нејзината агонија ќе биде барем делумно намалена поради подобрите услови за лекување.
Директорот на Општа болница Куманово, г-ѓа Захариева даде демант дека случајот не постоел или барем не во такви рамки како што се ширеше по народот. Меѓу другото во демантот истакна дека повеќето пациенти на Одделот за неврохирургија се неподвижни и зависни од туѓа помош, а самата здравствена установа не е во можност секому да му додели посебна медицинска сестра и болничар.

Граѓанско Демократска Унија е потполно свесна за условите кои владеат општо во Македонија, а и конкретно во македонското здравство. Свесни сме што се може, а што само се посакува. Но и свесни сме дека само е потребна волја за нешто повеќе, за да биде подобро за сите. Е само што и таа волја недостасува!

Со години наназад, државното здравство ни оди во рикверц. Не се врши ниту редовно одржување на објектите, а камо ли големи инвестициони вложувања. Местата каде треба да се спасуваат човечки животи, повеќе личат на чистилишта за душата и најава за вечен дом, отколку на опремени болници, кои гарантираат дека модерната техника ќе го спаси човечкиот живот.

Сега Куманово ќе добие нов модерен Ургентен центар, но тоа не е доволно за најголемата општина во Македонија. Мора сите сместувачки капацитети да се средат согласно на правилата и прописите на она иста Европа, што упорно не нѐ сака во своите редови. Државата не смее да каже дека за здравјето немаме пари. Сепак здравјето е на прво место, нели?



Мора под итно да се реновираат здравствените домови и болници и да се опремат барем со најнеопходните апаратури, кои ќе бидат функционални во секој момент. Доста беше само набавка и сликање за на телевизија, а апаратот неотпакуван со години. Доста плаќавме за услуги и опрема кои застаруваа во оригиналните амбалажи, без да го видат светлото на денот.

Приватното здравство отиде години нанапред во однос на државното. Зарем приватниот сектор има поголем буџет од државата? Ако е така да ја приватизираме и државата, само да има пари за трошење за граѓаните. Сепак, ГДУ смета дека разликата е само во менаџирањето и одговорностите. Кај приватниот сектор се знае што и како се смее и до каде може да се оди. Во државниот, сепак се се работи стихиско, неплански и некоординирано, па на крајот изостанува она највредното, резултатите.

ГДУ бара да се престане со политиката на местење на тендери и „дување“ на цените на набавките. Она што се работи со години и е со бенефит само за мал круг на луѓе, мора се престане. Ако сакаме држава на благосостојба (како што декларира Уставот) мора државните средства да ги користиме во полза на граѓаните. А пари секако дека има, само треба нивно домаќинско трошење. Начелата на добар домаќин и совесен стопанственик мора да ги востановиме час поскоро, за да кога и ние ќе сме пациенти во истите здравствени установи, не ја искусиме на своја кожа агонијата на Илинка Арсова“, се вели во соопштението од локалниот клуб на ГДУ- Куманово.



Претходна статија

ВМРО-ДПМНЕ: ВЛАДАТА Е НЕСПОСОБНА ДА ИСПОРАЧА РЕФОРМИ

Следна статија

Л. ЈАНЕВА: КОНТАКТИТЕ СО КОЛЕГИТЕ И ПУБЛИКАТА МИ ЈА ПРОВОЦИРААТ ФАНТАЗИЈАТА

Најново од Вести