ГДУ-КУМАНОВО: НА ПРАВ ПАТ, ВО КРИВА НАСОКА, СО РАСКЛАТЕНИ МОСТОВИ
„Мотото на СДСМ стана На прав пат. Е сега се поставува прашањето-По кој пат одевме до сега? Дали бевме изгубени во време и простор, без било каква идеја, па сега се распознаваме самите себе или пак бевме на спореден пат, за да сега конечно излеземе на патот кој го бараме? Ветеното за инвестирање во инфраструктурата започнаа да го исполнуваат. Сега за сега, само со ревитализирање на старите патишта и нивно покривање со нов слој асфалт. Нема градење на нови патишта, туку само средување и прикрпување на старите.
Граѓанско Демократска Унија-Куманово го следи овој градежен проект на обнова на патиштата во Куманово и околината. Секако за поздрав е што конечно се започна со крпењето на дупките на асфалтот, но и за средување на цели патишта во Центарот и околината.
Само по себе се поставува прашањето-Дали се има целосен проект што и како ќе се асфалтира, по кој приоритет и по кој квалитет за која цена? А што е најважно дали има проект, кога веќе ќе се обновува асфалтната подлога, да се извршат и промени на водоводните, канализационите и другите цевки и кабли под тој ист пат, за да не дојдеме до ситуација, да набргу потоа сечеме и лепиме и крпиме како милион пати претходно. За се што се работи мора претходно добро да се осмисли и од сите страни студиозно да му се пријде на проблемот. Да не ни биде само Прав пат, ама лош правец или кривина под 360 степени.
Дополнително, проблем кој го истакнуваат нашите граѓани се мостовите по Куманово и околината. Од сликите кои можеме секојдневно да ги видиме, самото поминување по нив мора да е зајакнато со животно осигурување и длабока побожност, односно минимум 10 молитви на поаѓање.
Мостовите ни се од 19 век, без било какви подобрувања и секогаш кога ќе останеме без некој од нив, истиот веќе не се ни споменува, како и да не постоел. Најчесто не се ниту тврда градба по градежните правила, туку само се времена импровизација до некое подобро утро. А тоа на луѓето што ги користат секој ден никако да им дојде.
Самиот поглед на нашите локални патишта и мостови ни го прикажува во целиот раскош недомаќинското работење на нашите досегашни и централни и локални власти. Ако поврзувањето на луѓето меѓусебно не ни е на прво место, тогаш што ли ќе ни биде приоритет број еден? Ако не сме способни да им овозможиме на луѓето да излезат од дома или таму безбедно да се вратат, тогаш што можеме како нивен сервис да им пружиме? Можеби театарска или кино претстава на гладен стомак?
Така да апел од ГДУ-Куманово е да ја сработите работата што сте ја започнале домаќински и одговорно. Нека бидат трошоците оправдани и целосообразни, а резултатите на задоволство на нашите граѓани. Никој не приговара кога трошоците одговараат на постигнатото. Ама за секое извитоперување на резултатите и постапките до нив, следуваат казни од самите граѓани“, се вели во соопштението на ГДУ-Куманово.

