ГДУ КУМАНОВО: ЗОШТО ДИРЕКТОРКАТА НА НОВАТА ДЕТСКА ГРАДИНКА ВО КУМАНОВО „ДОБИ“ НАГРАДА ЗЕМЈИШТЕ НА ИМЕ НА СВОЈОТ СОПРУГ
„Куманово ќе добие нова градинка. Договорот е веќе потпишан помеѓу Министерството за труд и социјална политика преку министерката Мила Царовска и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски. Убаво е што ќе има нови сместувачки капацитети за нашите деца, но и ќе има нови вработувања на (партиски) кадри во истата.
Но ШУ ПРАИМЕ со ингеренциите? Граѓанско Демократска Унија се прашува што се случи со препирката на институционално ниво меѓу истите инволвирани лица? И за ингеренциите врз детската градинка Ангел Шајче во Куманово беа истите играчи министерката и градоначалникот. Секој со свое стојалиште.
Си останавме без ингеренции (само една година), но ќе си добиеме нова градинка. Минус и плус и си добивме STATUS QUO. А што се случи со вистината? Се препираа, си изнесуваа „валкана долна облека“, информации едни за други и на крај пак најдобри другари!
Директорката Марина Алексовска си зазеде место кон „нејзините“ на централно ниво и под закрила на министрите и поранешниот градоначаник Циц (Зоран Дамјановски), си доби награда во вид на ГНЗ (градежно неизградено земјиште) во вкупна површина од 563 м2 за износ од 361.840 денари. Односно за симболична сума од 6.000 евра (колку еден половен автомобил), директорката на име на сопругот си доби огромна парцела со маркица за градење во населбата Зелен Рид.
Ова „позади завесите“ се зборува дека е криминал направен во екот на локалните избори, но никој нема доблест да го расчисти и да ја изнесе вистината на виделина. Единствениот понудувач на јавното наддавање си ги мултиплицира паричните средства вложени во недвижноста и тоа барем 10 пати. Среќа, ризик или наместен натпревар? Дајте ја вистината, дајте ги фактите! Не туку само се препукувајте на ФБ преку барање на оставки од едните или другите, туку изнесете ни ги доказите. Да не беше само случајност изненадувањето за одземените ингеренции или беше вид на притисок за подведување на локалната под централната власт? Хиерархијата мора да биде поставена.
Следствено на ова, новата градинка во Куманово „случајно“ е предвидено да се гради на ова парче нива, ГНЗ, што го спомнавме. Можеби пак ќе биде единствен понудувач или сега пак ќе биде „филувано“ со уште некој играч, но со послаб квалитет?!
Е тогаш наместо како во сите цивилизирани држави некој да си добие кривична пријава за тргување со влијание и злоупотреба на положба и овластување, ние ќе си се израдуваме на новата градинка. И уште еднаш ќе биде она старото-Добро е, барем нешто се гради.
А цената? Цената ќе си ја платиме и ќе прашаме има ли уште“- се вели во соопштението на Граѓанско Демократска Унија-Куманово.

