ГДУ: НА 15 ЈУЛИ ДА ИСПРАТИМЕ ПОРАКА ВО ИМЕТО НА ГРАЃАНИНОТ ПРОТИВ МАФИЈАТА

Ги повикувам сите в среда да го заокружат бројот 7, затоа што тоа ќе значи влез во парламентот на пратеници кои нема да влезат во калапот на таканаречените „големи“ партии, кои нема да се пазарат со својот глас за лична корист, туку ќе истапат за интересот и слободата на секој граѓанин, рече претседателот на Граѓанско Демократска Унија (ГДУ) Петар Колев на денешната прес-конференција, упатувајќи посебен апел до неопределените граѓани чии гласови се исклучително потребни за трета опција да добие поддршка за влез во Собранието и да им се спротивставата на „ВМРО, СДСМ и ДУИ кои ја киднапираа државата од граѓаните и создадоа „корпорација” што само служи на политичкиот естаблишмент“.

– На 15 јули, в среда, кога ќе застанете зад избирачкиот параван, почувствувајте го духот на силен еж кој ќе се спротивстави на овие „политички змии”, еж кој ќе ги издува овие надуени балони. Заокружете број 7 и бидете граѓанинот што ќе се спротивстави на
мафијата – потенцираше Колев.

ГДУ верува дека мисијата на пратениците е преку собраниските процедури да отпочнат ресетирање на системот во корен и на политичката сцена да донесат нов изборен модел.

– Една изборна единица со отворени листи и можност за граѓанинот на изборното ливче да заокружи – Ниту еден од наведените – рече претседателот на Граѓанско Демократска Унија Петар Колев.

Тој потенцираше дека ГДУ ја исполнила задачата што си ја поставила пред почетокот на кампањата.

– Реализиравме позитивна кампања и уверени сме дека на гласачите им покажавме дека е време за млади политичари кои во вокабуларот не користат говор на омраза, кои не го навредуваат противникот, туку аргументирано говорат и кои веруваат дека граѓаните на овие избори ќе дадат шанса на оние кои носат промена на системот и подобар животен стандард за нашите деца – додаде Колев.

Тој ги повтори партиските ветувања дека ќе го намали бројот на пратеници од 120 на 90 во првата фаза, а потоа и на 61, со себе ќе повлече бројни реформи, намалување на бројот на советници во општините и во Град Скопје, намалување на бројот на министерства, министри, агенции и разноразни органи при владата.

– Го привлековме вниманието со личен пример – се откажуваме од сите приходи и бенефиции како пратеници во Собранието над износот од 14,500 денари колку што изнесува минималната плата. И нам како и на секој гласач ни е јасно дека со таа плата тешко се живее, но целта е да им порачаме на сите политички партии кои одбија да го следат примерот – дека пратеничката функција не е измислена за лично богатење. Пратеникот има поголема мисија – на политичката сцена да го донесе гласот на секој што е обесправен, што живее од минималец, на секој што нема основни услови за егзистенција зашто државата заборавила да инвестира и да ја развива внатрешноста на Македонија – објасни Колев.

Претседателот на ГДУ порача дека реформите во образованието се итни доколку сакаат децата да бидат конкурентни на европскиот пазар.

– Во спротивно ќе произведуваме евтина работна рака и мануелни работници. Гласајте за да ги спасиме децата од нефункционалното образование, гласајте за помалку часови, помали паралелки, повисоки плати за наставниците над нивото не републичкиот просек, за отворање на научно истражувачки центи во министерствата – вели Колев.

Здравството е на стаклени нозе, особено во внатрешноста, болниците се заборавени и оставени да ги раздроби времето а младите доктори и сестри вработување бараат во европските држави.

Тој вели дека Македонија има квалитетни здравствени работници, ама нема каде да работат и затоа предлагаат итни вложувања во регионалните болници во Велес, Штип, Струмица, Битола, Прилеп, Кичево за да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги, како и унапредување на правата на осигурениците.

– Предлагаме реорганизација на Фондот за здравствено осигурување во сервис на осигурениците и да се воспостави систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за осигурениците. Првиот пакет ќе го добие секој а вториот пакет е незадолжителен и за него ќе доплаќа само оној кој сака и дополнителни здравствени услуги. Министерството за здравство да ги мотивира младите доктори да се насочуваат за лекари по општа пракса, бидејќи имаме недостаток на целата територија на Македонија. Локалните власти треба да преземат одговорност и за здравствената политика на своето подрачје – вели Колев.

Во однос на локалните самоуправи ГДУ предвидува нивно финансиско зајакнување преку промена на моделот за фискална децентрализација. Односно, 50 отсто од персоналниот данок што го плаќаат граѓаните наместо во државниот буџет да завршува во општината каде живеат, а во следната фаза една третина од приходите од ДДВ да се слеат во општинските буџети. Програмата предвидува и поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка преку повеќе мерки, како што е формирање фискален совет, намалување на вкупните зафаќања од бруто платата по основ на даноци и придонеси, намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се товар за граѓаните, како и воведување на законско ограничување за Владата да мора да ги реализира капиталните инвестиции.

Граѓанско Демократска Унија предлага уставни промени во делот на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување специјализирано судство во сите области и олеснување на начините преку кои граѓаните непосредно се стремат да остварат одредени политички права. Неопходно е пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур да станат задолжителен извор на правото во Македонија. Како и промени во Кривичниот Закон за да се санкционира криминалното и коруптивно работењето на судиите, обвинителите, правните застапници и останатите службеници на Судот. Онаму каде постои вина, таа да се докаже, да се казни и да се изрече трајна забрана за вршење дејност и губење на пензијата која е по основ на уплатените придонеси по основ на професионалното ангажирање. Неопходна е трансформација на Министерството за Правда и во негова надлежност да влезат и обвинителите, кои сега сми се контролираат. Пакетот законски мерки за овие измени може да се истурка во период од осумнаесет месеци.