ГДУ: ПОЧИТУВАНИ ВЕ ОХРАБРУВАМЕ ЦЕЛОСНО ДА ГО „ОЗАКОНИТЕ“ ДВОЗАКОНИЕТО
Почитувани пратеници, министри, државни и партиски секретари!
Ве охрабруваме уште од утре понеделнички, здраво да се фатите за работа и да ги изгласате сите возможни и невозможни закони од т.н. пакет на реформи, Законот за СЈО, Законот за судски совет, Законот за кривична постапка, Законот за спречување на корупција и судир на интереси, Законот за медиуми, Законот за употреба на оружје на членовите на ДУИ, Правото на алчност и лакомост, Законот за тендери и вработувања на СДСМ, Правото на корупција и криминал… не оставајте сѐ за Јануари, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.
Апелираме да останете доследни на нашите евроатлантски аспирации и да не дозволите на тој пат да ни се испречат некакви неодговорни реакции во јавноста. Докажавте дека кога се во прашање „ државните интереси” секогаш ги надминувате партиските разлики а неодговорната јавност не умее да препознае дека Вашиот, партиски и деловен интерес е заеднички, национален интерес.
Веруваме дека како и досега ќе одолеете на секаков притисок и нема да дозволите да се почувствува разлика на пр. дали составот на Антикорупциската Комисија е целосен или не?!
Ве охрабруваме целосно да го озаконите „двозаконието” за да се избегнат непотребни недоразбирања во нашата скорешна евроатлантска иднина. Во таквата иднина се подразбира дека секој ќе си го знае местото (ако не го научил досега).
Веруваме дека на долг рок ќе добиеме задоволни наставници, пристојни пазарџии, сниходливи лекари, издржливи војници и сл. (за полицајците нема што да се додаде).
Почитувани, за вас само небото е граница, обидете се да ја достигнете, ние веруваме дека сте способни и за тоа, се вели во соопштението на политичката партија Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.

