| |

ГДУ-ШТИП: ПАТУВАЊЕТО СО ВОЗ ПРЕКУ 100 ГОДИШНАТА ПРУГА ШТИП-КОЧАНИ ОПАСНО ПО ЖИВОТОТ НА ПАТНИЦИТЕ!

„Железничката пруга Штип-Кочани е изградена 1922 година и уште малку ќе слави јубилеј од 100 години. Како што може да се забележи, оштетена е од забот на времето и од не одржување на истата, а притоа слушаме ветувања од политичарите дека ќе се гради нова пруга кон република Бугарија. Станува повеќе од јасно дека не се води грижа за веќе изграденото, а камоли пак да се изгради нешто ново.

Во Истокот имаме една железничка пруга од 70 километри, доколку продолжат надлежните со негрижата ќе останеме и без неа. На оваа пруга дневно минуваат два воза. Поради оштетеноста на истата се ризикува безбедноста на железничкиот сообраќај и на корисниците на истиот.

Апелираме до Министерството за транспорт и Македонски железници, веднаш да го сопрат сообраќајот на споменатата пруга и да преземат соодветни мерки на споменатата делница. Ги замолуваме денешната реакција да ја сфатат крајно сериозно, бидејќи нема место за политички популизам, туку станува збор за здравјето и животите на патниците и на персоналот од Македонски железници.

Денешниот прес не е за да се ќарат евтини политички поени или пак да ве претставиме како неспособни, не ни е тоа целта. Целта ни е да се реши проблемот и конкретно да се дејствува за да се спречи незгода од големи размери.

Нема време за губење, залогот е преголем! Станува збор за безбедноста и животот на граѓаните“, изјави на денешната прес-конференција Бојана Дрангова, член на Националниот комитет на ГДУ.



Слични Објави