| |

Георг Георгиев: Неточни се информациите за интерес на Бугарија за приклучување кон одбранбениот сојуз на Албанија, Хрватска и Косово

Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев ги демантира информациите за неофицијален интерес на Бугарија за приклучување кон заедничката декларација на Албанија, Хрватска и Косово, објави БГНЕС.

Одговарајќи на пратеничко прашање за ставот на Софија во однос на трилатералниот одбранбен меморандум потпишан од Тирана, Загреб и Приштина, Георгиев нагласи дека Бугарија е запознаена со иницијативата и дека внимателно го анализира текстот на документот, кој беше потпишан на 18 март 2025 година. Тој истакна дека до Министерството за надворешни работи пристигнало официјално копие од декларацијата преку дипломатска нота на албанската амбасада во Софија на 25 март 2025 година.

Министерот објасни дека Бугарија во ниту еден момент не била консултирана или официјално поканета да се приклучи кон иницијативата. Георгиев потенцира дека земјата одржува одлични билатерални односи со сите три држави. Со две од нив – Албанија и Хрватска, Бугарија е сојузник во НАТО, додека во Косово има бугарски воен контингент, дел од мировните сили на НАТО (КФОР), чија задача е да го гарантира мирот и стабилноста.

Министерот исто така предупреди дека ризиците за безбедноста кои произлегуваат од војната на Русија во Украина и други регионални конфликти бараат приоритетно исполнување на веќе преземените обврски во рамките на НАТО, особено во зајакнувањето на источниот фронт. Во врска со неодамнешниот договор за одбранбена соработка меѓу Србија и Унгарија, Георгиев изјави дека Бугарија не може да го коментира, бидејќи станува збор за билатерален документ во кој Бугарија не е страна.

Слични Објави