Германски генерал: Преговорите почнуваат кога Путин ќе сфати дека не може да победи во војната во Украина
Германскиот историчар и пензиониран бригаден генерал Клаус Витман истакна дека Русија сè уште не се откажала од целите што сакаше да ги постигне во Украина и затоа нема да биде подготвена да преговара, пренесува „Анадолија“.
По повод годишнината од војната во Украина, тој зборуваше за руските цели и за преговорите за завршување на војната.
Тој изјави дека сите се надеваат оти страшната војна ќе заврши и дека ќе се постигне мировен договор.
„Сепак, Русија досега не се откажа од ниту една своја цел“, изјави Витман.
Тој смета дека целите на Русија се да ја подели Украина и да ја уништи.
„Не гледам никаква можност за помирување меѓу одбраната на Украина, чие постоење е загрозено, и волјата на руската администрација да ја уништи. Затоа преговорите почнуваат кога рускиот претседател Владимир Путин ќе сфати дека не може да победи во оваа војна, дека не може да ги постигне своите цели“, истакна Витман.
Тој тврди дека овие преговори ќе се водат според условите на Украина, а не според условите на Путин.
Витман изјави дека треба да се проценат сите можности за преговори, но потсети дека многу луѓе разговарале со Путин пред инвазијата, кој им рекол дека не размислува за напад на Украина.
Како што рече, Кина и Русија се блиски како браќа и затоа Кина не може да преземе конструктивна улога.
Витман ги обвини западните земји дека не даваат навремена поддршка за Украина.
„Оружјето што ѝ се доставува на Украина од самиот почеток е одложено и малку. Мислам дека Украина треба да има сè што ѝ е потребно за да се одбрани и да си ја врати украдената територија“, изјави Витман.
Тој не верува дека руската армија во овој момент ќе се осмели да ги нападне земјите на НАТО.
„Ова може да биде за подоцна. Ако Русија ги постигне своите цели во Украина, нема да застане тука. Кога ќе ја обнови својата моќ, може да ги нападне, на пример, многу ранливите балтички земји на источното крило на НАТО“, рече Витман, пренесе „Аваз.ба“.

