ГИР: ЕУ ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ВАКЦИНИ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН ШТО Е МОЖНО ПОБРЗО
Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави дека ЕУ ќе обезбеди вакцини за Западен Балкан што е можно побрзо.
„На сите ни е јасно дека за да се излезе од пандемијата треба да се осигураме сите да имаат пристап до безбедни и ефикасни вакцини. Процесот на вакцинација не треба да претставува трка меѓу земјите. Сите сме засегнати. Претходно, стапката на заразени беше повисока тука на Западен Балкан отколку во ЕУ, а во моментов стапката е повисока во ЕУ во споредба со Западниот Балкан. Сигурен сум дека вие, и слушателите и гледачите, сте свесни за огромниот притисок со кој што се соочуваат членките на ЕУ додека започнуваат со вакцинација на населението, а истовремено се појави и мутација на вирусот со кој се зголеми бројот на новозаболени“, порача Гир во интервју за МИА.
Тој истакнува и дека европската перспектива и перспективата на пристапување на Западен Балкан, вклучително и на Северна Македонија во ЕУ е јасна и неспорна. Гир во интервјуто за МИА порачува и дека Португалија се обврзала дека за време на нејзиното претседателство со ЕУ, стартувањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде приоритетно прашање.