Ѓуров: Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Украина на патот кон ЕУ и НАТО
Бугарија ќе продолжи да ја поддржува Украина и ќе чекориме заедно по патот кон заедничката иднина во Европската Унија и НАТО. Ова го изјави бугарскиот премиер Андреј Ѓуров на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, по нивната средба во Киев.
Премиерот Ѓуров нагласи дека актуелната посета на бугарската делегација, предводена од него, јасно ја покажува поддршката на Бугарија за Украина и нејзините напори за постигнување праведен и траен мир, во интерес не само на самата Украина, туку и на цела Европа.
Тој акцентираше на потпишаниот договор за 10-годишна соработка во одбраната во рамките на посетата, истакнувајќи дека тоа е напор што ја зајакнува евроатлантската безбедност во регионот. Воедно, беше одобрен и придонесот на Бугарија кон механизмот на НАТО PURL, што, според него, покажува солидарност во тешки времиња и ги зајакнува одбранбените способности на Алијансата.
Ѓуров го нагласи и значењето на безбедноста во регионот на Црното Море, додавајќи: „Високо ги цениме способностите на Украина ефикасно да неутрализира напади, да ја заштитува критичната инфраструктура и да ја обезбедува слободата на пловидба.“
Премиерот беше категоричен дека Бугарија ќе остане партнер на Украина не само во сегашните тешки времиња, туку и во процесот на обновување на земјата. Тој посебно внимание посвети на Вертикалниот гасен коридор и железничката врска меѓу Александруполис и Одеса, кои, според него, се клучни за енергетската и општата безбедност на источното крило на НАТО.
Ѓуров посочи и повеќе области во кои Бугарија и Украина можат да ја продлабочат соработката, меѓу кои научните истражувања, иновациите и трансферот на технологии, како и соработката во одбранбената индустрија.
Одговарајќи на новинарски прашања, премиерот истакна дека приоритет на техничката влада е организирање фер избори во Бугарија во април. Во врска со реакторите од нуклеарната централа „Белене“, тој нагласи дека бугарскиот парламент треба да донесе одлука по тоа прашање.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го истакна значењето на потпишаниот договор, нагласувајќи дека тимовите работеле на него подолг временски период. Тој ја подвлече континуираната поддршка од Бугарија за Украина и, покрај соработката во одбраната, ја истакна и соработката меѓу Софија и Киев во енергетскиот сектор.
