| |

ГОДИНАВА 709 ПРИЈАВИ ЗА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО, 610 ЖРТВИ БИЛЕ ЖЕНИ

Во првите девет месеци од годинава во нашата земја се пријавени 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле жени жртви, соопшти Хелсиншкиот комитет за човекови права. Од таму велат дека може да се заклучи дека семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени.

„Денеска, кога го одбележуваме Меѓународниот ден на елиминирањена насилството врз жените, треба да се потсетиме дека секоја трета жена во светот искусила некаква форма на насилство, а според податоците на Обединетите нации, семејното насилство е убиец број еден на жените. Наместо жената да биде и да се чувствува безбедна во домот, понекогаш најголемата опасност за неа доаѓа токму оттаму“, велат од Хелсиншкиот комитет.

Земајќи предвид дека истражувањето на ОБСЕ покажува дека само 2% од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција, додаваат од таму, зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.

Исто така, загрижувачки е трендот на прифаќање на насилството во земјата. Истражувањето на ОБСЕ открива дека три од пет (60%) жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава.

За да се победат овие поразителни бројки, наведуваат од Хелсиншкиот комитет, мора да работат заеднички сите актери во општеството: институциите, граѓанските организации, медиумите како и секој граѓанин.

„За поздрав е иницијативата за подготовка на нов Закон против насилство врз жени и семејно насилство кој ги следи одредбите на Истанбулската конвенција, а кој беше изготвен во процес на консултација со граѓанскиот сектор. Новиот нацрт – Закон препознава и санкционира и нови форми на насилство врз жени, дефинирани и во Истанбулската конвенција. Но, потребно е негово побрзо усвојување, за да се започне со обезбедување сеопфатни сервиси до жртвите. Насилството врз жените и семејното насилство ја ограничува жената да учествува во економскиот и општествениот живот, предизвикува депресија, чуство на немоќ и безизлезност, а и е грубо кршење на нејзините основни човекови права. Оттаму, сите треба да дејствуваме заедно за да се искорени оваа деструктивна појава во нашето општество“, велат од Хелсиншкиот комитет.



Слични Објави