| |

Големата национална катастрофа на XX век – 9 септември

За дел од бугарските граѓани 9 септември претставува датум на коренита промена – уривање на капиталистичкиот систем и изградба на праведно социјално општество. За други, тоа е црн и крвав датум, преврат кој ја укинал демократијата и приватната сопственост и го зацрнил животот на стотици илјади луѓе, пишува БГНЕС.

Познатиот бугарски историчар, проф. Пламен Павлов, во изјава за БГНЕС го оценува 9 септември како „големата национална катастрофа на 20 век“. Според него, последиците од настаните во 1944 година не смеат да се игнорираат, бидејќи тие оставиле длабоки трауми што бугарското општество сè уште тешко ги надминува.

„Историчарите ги покажавме ужасните последици, но третманот на тие трауми е повеќе работа за политички психолози, отколку за историчари. Нацијата е тешко погодена од наследството на тој датум“, изјави Павлов, нагласувајќи дека Бугарија по 9 септември го изгубила својот суверенитет и целосно паднала под советско влијание.

Во ноќта меѓу 8 и 9 септември 1944 година е соборена владата на Константин Муравиев, а на власт доаѓа владата на Отечествениот фронт предводена од Кимон Георгиев, со поддршка од Третиот украински фронт на Црвената армија.

Следуваат длабоки политички, економски и социјални промени: Бугарија раскинува со Хитлерова Германија и паѓа во советската сфера на влијание. Периодот е проследен со масовни насилства, кои подоцна се институционализирани преку т.н. „Народен суд“. Според различни проценки, во првите месеци по превратот биле убиени меѓу 20 и 40 илјади луѓе. „Народниот суд“ изрекол 2.730 смртни пресуди, меѓу кои за министри, пратеници, новинари, банкари, свештеници и учители.

Историската оценка за 9 септември останува поделена. До 1971 година во официјалната историографија настанот се дефинирал како „народно востание“, а потоа до 1989 година – како „социјалистичка револуција“. По демократските промени, доминира дефиницијата „воен преврат“.



Слични Објави