Град Скопје: Сите булевари и улици се чисти и проодни, фрлени 300 тони сол

/

Екипите на зимската служба од ноќеска и утрово се на терен и ги чистат булеварите и улиците под надлежност на Градот, и тие се чисти и проодни. Од почетокот на врнежите на снег досега се фрлени 300 тони индустриска сол, информираат од Град Скопје.

Чистењето на сообраќајниците и тротоарите го вршат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“, на располагање е и механизацијата на преостанатите јавни градски претпријатија. Покрај чистењето на сообраќајниците, активни се и тимовите и на преостанатите градски јавни претпријатија кои интервенираат со луѓе и со механизација во чистењето на јавните површини, расчистување на паднатите дрвја и на сливниците.

„И во текот на денешниот ден продолжуваат активностите на зимската служба кои будно ја следат состојбата на градските сообраќајници и ќе интервенираат според потребите, согласно со условите на теренот“, велат градските власти.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваат дека индустриската сол има ефект до минус 7 степени Целзиусови и поради ниските температури можно е појавување на голомразица на коловозот.



Во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување. Се апелира до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.

Извор: Temite



Претходна статија

СДСМ: Данела Арсовска ги остави скопјани без помош за парното греење

Следна статија

ВМРО-ДПМНЕ и натаму инсистира на предвремени избори, од СДСМ велат дека барањето е од пуста желба за власт

Најново од Вести