| |

Градација на ужасот

Пишува: Ели Секуловска

Пред речиси една недела, малите титовци од Северна Македонија, облечени со партизански капчиња на глава и црвени марами околу вратот, го славеа Денот на републиката Југославија, 29 Ноември, притоа несвесни дека ужасот што го живееме денес е директна последица на титовиот тоталитарен режим, по кој тие се‘ уште тагуваат!

Во исто време, веќе три дена, во одредени реони на Битола, граѓаните, вклучувајчи ме и мене бевме оставени без снабдување со електрична енергија,без греење и без основни услови за живот.

Каква коинциденција!

Славењето на Денот на Републиката на нивните „соништа“ и честите прекини во снабдувањето со електрична енергија, (четврти пат во текот на еден месец ), ме потсети на периодот пред распадот на Југославија .Тогаш, „ѓаволот дојде по своето“, па имавме секојдневни рестикции во снабдувањето со електрична енергија, додека пак истите траеа со часови.

Но, очигледно дека само на Македонците, откако после 1945 година ги убија и затворија сите интелектуалци, било левица или десница, пред се од бугарската етничка заедница, добро им беше кога некои други поразвиени републики дебело го отплаќаа македонското неработење, немање на идеја, ниту пак визионерство за некаков напредок,а сето тоа беше во склад со недостатокот на образование и интелект на тогашниот политички врв од Македонија.

Според сите досегашни екпертски анализи, се чини дека Југославија уште на самиот почеток беше неуспешен проект. И покрај огромните заеми од странство, сепак доаѓаме до заклучок дека политичкиот врв не знаел како да ги реализира позајмените пари . Југославија уште на почетокот на шеесеттите години почнува да тоне во сериозна криза. Дотогашните методи на развиток биле исцрпени. Израз на таа криза биле различните „диспропорции“, стопанските несразмерности , високиот дефицит на платниот биланс, нереалните и неуспешни инвестиции во „политичките фабрики“ и слично.

Словенците уште тогаш согледуваат со кого си имаат работа и дека ќе треба на нивни грб да ја сносат неспсобноста на другите федеративни единици.Разликите како во интелектуалните и образовни способности на раководните кадри на федеративните единици во тогашна Југославија биле драстични, а сето тоа придонело до несакани реперкусии врз стопанството на поразвиентите републики.

Уште во 1961 година, после „малата стопанска реформа“ и се поголемите републички спорови кои како и секогаш имале меѓурепубличка заднина, заради заштита на словнечкото стопанство, Борис Крајгер,тогаш голема политичка фигура во Словенија, застанува зад проектот за децентрализација и реформи на стопанството. Крајгер бил методичен, систематичен и визионер, кој како одличен шахист знаел да ги распореди своите фигури десет потези однапред. Крајгер ќе се памети и по неговите апели од 1945 година за веднаш да престанат политичките чистки и убиства во Југославија.

Иако Тито бил автократ и апосулутист, а Крајгер, токму споритвното, она од кое Тито се плашел, „економски националист“ (а тогаш се воделе жестоки битки помеѓу унитаристите и децентралистите), сепак клаучната улога во доменот на стпанските реформи му ја доделува на Крајгер. Тој доста храбро се осмелил во Словенија да ги растури моќните сојузни монополи со седиште во Белград. И покрај силните отпори од Белград ,тој ја основал словенечката авиокомпанија, одземајќи му го на тој начин монополот на белградскиот ЈАТ.

Денес Крајгер останува во сеќавање како главен творец на стопанската реформа во јули 1965 година. Реформата била сериозен обид да се рационализира и осовремени југословенското стопанство и да се зголеми нејзината меѓународна конкурентност. Крајгер по една и пол година загинува во сомнителна сообраќајна несреќа блузу Сремска Митровица, на неполни 53 години.

Република Словенија уште тогаш успева на некој начин да го заштити своето стопанство и да направи добри економски реформи. И после 90-тите години, со стекнувањето на својата независност, Словенија веднаш ги направи сите потребни чекори за посветла иднина и го отвори патот кон Европската Унија.Затоа, денес Совенија е успешна европска приказна, а Македонија е токму на местото кое си го заслужува. И тука нема никаква грешка.

Носталгија за Потемкиновите села

Вознемирувачкото досие број 36 од фондот на Централниот комитет,а истото е предмет на анализа на многу финансиски експерти, содржи посебна папка која сведочи за економското пропаѓање на Југославија уште при крајот на седумдесеттите години на минатиот век. Економскиот и политички колапс се случил уште пред смртта на Тито. Досието содржи најстрого чувани „државни тајни“ од тоа време. Според анализите направени од експертите кои го проучуваат тоа досие, се донесува заклучок дека со судбината на Југославија како да си играле мали и неодговорни деца!

За тоа говори и последниот состанок на Тито со словенечкото политичко раководство во 1979 година. На тој состанок , на симболичната „тајна вечера“, присуствува словенечкиот политички врв предводен од Франце Попит, еден од челниците на тогашниот словенечки политички раководен кадар. Почетниот збор го завзема Попит кој отоврено му изнесува некои непријатни факти и оценки на Тито. Тој вели дека Словенија како и цела Југославија се наоѓаат во голема неволја, притоа истакнувајќи дека продуктивноста во Словенија е за една четвртина поголема од југословенскиот просек, а нејзините работници примаат плати што се само шест проценти повисоки од југословенскиот просек. Попит додава дека Словенија не може да ги зголеми своите давачки за развој на неразвиените области, мислејќи на Македонија која беше најнеразвиена република во тогашна Југославија, затоа што ќе го загрози исполнувањето на нејзините обврски кон странство. „Ние, Словенците секогаш сме ги исполнувале своите обврски кон другите, иако другите републики не го правеа тоа.“. – вели Попит.Тој додава дека словенечкото стопанство во 60-тите години било на еднакво рамниште со австриското, што не било случај и во 1979 година.

За стопанскиот хаос во кој се најде Југославија на почетокот на 1979 година, една година пред смртта на Тито, сведочат и „државните тајни„ од тоа време на Народната банка на Југославија, додека пак истата била епицентарот на финансискиот колапс. Поединци и групи лесно можеле да решаваат за поделбата на парите, па дури и за свои лични интереси, додека пак долговите вртоглаво се натрупувале. За само пет години, од 1975 година до крајот на 1979 година, државата се задолжила два пати повеќе отколку во последните 32 години. Долгот кон странство во последните години бил зголемен за 14 милијарди американски долари, за веднаш, после смртта на Тито да достигне фрапантни 22 милијарди долари!

1979 година, СФРЈ доживеа слом на девизниот пазар. Таа година дефицитот на платниот биланс достигнува вртоглави 3.7 милијарди американски долари и сите извори на краткорочни и долгорочни заеми на светскиот пазар веднаш пресушуваат. Југословенските банки, кога ќе се појавеле проблеми и кога немале средства за да ги отплатат долговите на годишно ниво, не им биле достапни, ниту пак им одговарале на барањата на доверителите и не им давале никакво објаснување. Паниката од финансискиот колапс на Југославија се пренела и кон доверителите во странство. Странците не сакале ниту да слушнат за некакви си нови заеми затоа што југословенските банки се нашле на најцрните листи на меѓународните финансиски институции.

Три години после смртта на Тито, животниот стандард паднал за 40%. Инфалцијата дивеела, а веќе во 1983 година достигнала 60%годишно, за по две години да биде зголемена за уште една четвртина.Сите стопански показатели биле насочени надолу. Во тоа време,Југославија била една од ретките држави во светот кои биле принудени да воведат рационализирана дистрибуција на основните производи, особено течно гориво, средства за хигиена и некои прехрамбени производи, на пример, масло за јадење и шеќер.

Најшокантен детаљ од анализата на досието 36 е неконтролираното задолжување на тогашната политичка елита. Меѓутоа, главниот проблем на државата не бил само во неконтролираното задолжување, туку во неспособноста како и немањето на визија, зајмените пари да се вложат во нешто што би донело поголеми приходи и би овозможило редовно отплаќање на долгот. Државниот врв се однесувал како да се работи за долгови кои не треба да се вратат.Парите се вложувале во некакви си големи индустриски објекти, во „темелите на развојот“, кои во самата суштина биле Потемкинови села.Опремата која била купувана од странство, истата била доста технички и технолошки застарена .Кога развиениот свет почнувал да ја отфрла класичната индустриска работа и забрзано да водедува некои нови технологии, Југославија се‘ уште вложувала во класичната индустрија. Догматичарот Тито не можел да сфати дека исчезнува времето на класичната индустрија и работничката класа. Тогаш Југославија преку својата голема пропагндна машинерија пред светот прикажувала слика за брз процут и стопански развој како и за некаков си либерален социјализам ,но реалноста била дека политичката елита таа развојна создржина ја заменила со лажни симболи за развој. Купувањето на технички и технолошки застарена опрема за производство довело до понатамошно затворање на речиси сите фабрики затоа што со таква опрема, истите не можеле да бидат конкурентни на светскиот пазар на труд.По распадот на титова Југославија, поранешните федеративни едници со стекнувањето на својата независност наследиле над 60 милијарди долари долгови кон странство, притоа немајќи никаква можност да ги отплатат заради немањето на индустриски капацитети со современи технологии за производство со што би биле конкурентни на пазарот на труд. Постоечките производствени капацитети се затворија, а наследството од долгови на расипничкото и не визионерско работење на челниците на КПЈ и денес го отплаќаме сите ние.

Заклучокот на аналитичарите и истражувачите на архивите е дека економските движења во Југославија биле одраз на политичките односи. Политиката имала апсолутна власт над стопанството, а парите се трошле за политички цели и политички интереси, но не за економска логика. Политичката елита добро ги научила политичките игри, тешко разбирливите правила и манипулирањето со народот, а истата манипулација, застарена и веќе проучена сакаат и денес да ни ја продадат евтините македонски политичари. До парите и тогаш и денес во Северна Македонија не се доаѓа до патишта вообичаени за една демократска држава, туку врз основа на само за нив разбирлива логика за дистрибуција на политичката моќ. Тоа го покажува и последното зајмување на политичкиот врв од Северна Македонија со унгарскиот кредит за кој ние, обичните граѓани ниту знаеме за какви цели е наменет, ниту како ќе се потрошат тие средства, но јасно е дека сите тие кредити ќе мораат да ги отплаќаат идните генерации и тоа со дебели камати. Северна Македонија ја дожиувава судбината на економскиот колапс од крајот на 70-тите години на минатиот век и личи на Југославија пред својот распад.

Денешна Северна Македонија како наследничка на последната, најнеразвиена република во Југославија

Не можам да си одгатнам, зошто после толку поминати години и после толку заклучоци донесени од екпертски анализи дека Југославија беше далеку од успешна држава, само Македонците останаа со истиот догматски став да го идеализираат титовиот режим, кога истиот веднаш после смртта на Тито се распадна како кула од карти,со мнокгу крв и многу долгови? Доколку нешто било добро, тогаш би опстанало и покрај големите тешкотии со кои се соочувала тогашна Југославија. Токму ова што го живееме денес е директна последица од тоа време.

Северна Македонија до денешен ден, не само што не направи никаква ретроспектива на минатото, ниту пак некаква ревизија, туку отиде уште подалеку во градацијата на ужасот. Наместо да се направат неопходните реформи и уставни измени, да се осуди титовиот тоталитаризам кој однесе многу невиви човечки животи,на мнозинството од народот му се нудат митови. Тоа се главно безопсни бајќи, но проблемот се појавува во мигот кога митовите ќе се преобразат во политички програми.

Ултра националистичкиот наратив пак, многу лесно се вклопи во тоталитарната матрица, а истиот претставува само маша за да се задржи совршената утопија на стравот и илузијата на напредокот.Тоталитарниот титов режим конструирал автомат кој треба да ја задржи илузијата на некаква си реалност, а системот воспоставил одлична симбиоза со тој автомат за да обезбеди поефикасна механизација за неговото непречено одржување. Урантините и некултурата на оваа невкусно накитена сцена со „изми“ и национал шовинистичка реторика уште повеќе го залисуваат човековото слабеење како индивидуа на сметка на масата збиена во едно која служи како алатка за истиот тој систем да може непречено да се одржува. Не знам кој би можел пластично да ја наслика замрзнатата сцена на ужасот што го живееме денес? Или можеби и не е замрзната, туку со геометриска прогесија расте во доменот на крајна ирационалност!

Политиката и денес има апсолутна власт над стопанството, над медиумите, над секој поеднинец. Ги читам тие македонски весници како роман што ми е совршено познат .Тоа се еха од пред 70 години, научени пеења. Печатот во земјата, пеејќи на задолжителна нота потесетува на болница каде што на болните им се дава лесно сварлива супа.

Писанијата пишувани под диктат дишат со мизерни, претенциозни и лажни фрази. Гротескно е тоа што тие писанија не се совладани ниту со мисла, ниту со чувство, туку со некој договорен и однапред научен јазик, со недостиг на совесност, искреност и одговорност..

Тоа нивно подло лицитирање со мртвите, (еднаш не затвораа и не убиваа како Бугари, а сега нашите предци ги слават како Македонци) е многу невешто од пропагандната тактика .Сето тоа го прават заради нивни лични заслуги и придобивки.

Од целиот овој перверзен ужас ми се гади!. Зошто јас сум човек со несомнено изострено чувство на достоинство. А таков човек дури и да не е поврзан со оковите на обичниот патриотизам, токму овие чувства се стопати посилни од сите научени и склепани сентиманти.

Но, зошто ги коментирам, не знам. Ги следам нивните дискусии. Празни формули.Контраданс на аргументацијата. Ставајќи го ликот на чувствителни татковци на нацијата, нивната цел е да бидат популарни и да позираат како шампиони во пуританство и да презентираат некаков си квази патриотизам што според сегашните сфаќања на јавноста е најсигурен начин да станат херојски фигури. Па уште инститираат целата оваа траги- комедија да се игра на повисока сцена, пред целиот свет како публика, а ние да бидеме нивни соучесници во презривиот натпревар. Според мое убедување, тие би биле подготвени на секакво лажно сведочење, на секаква расипаност и интрига , бидејќи тоа одговара на нивното простачко сфаќање на реалноста, со кое, поради недостаток на повозвишени цели, се надеваат дека ќе дотуркаат подалеку. Духот им станал деградирачки и обезвреднувачки . Но, колку повеќе лажат, дотолку повеќе се обезвреднети од сите.

Патем, како може да сакате да станете член на Европски сојуз додека пак истиот тој сојуз ,остро ги осудува тоталитарните режими, а Северна Македонија никогаш не го осудила суровиот титов режим, ниту пак ги споменала двете резолуции донесени од страна на Европската комисија во кои најостро се осудуваат тоталитарните режими, а истите не се преведени само на македонски јазик?

Како може да очекувате почеток на преговори со Европската Унија, а да не го осудите тоталитарното минато во тогашната југословенска федеративна единица Македонија со толку многу политички убиства, кражби и палења, кога предмет на иследување и закана беа и малолетни деца кои се носеа во УДБа?

Ем имаат ужасни стандарди на секој план; и на етчки,и на морален и на интелектуален и на образовен, па уште ни велат со сиот глас- Прифатете ги нашите стандарди. А ние велиме – не можеме. Потоа прават инверзија и се прикажуваат како жртви, а нас не етикетираат како непријатели! Назадуваат во секое поле, и во обрзование, и во правосудство и во здравство, и во нехигиена на улиците, не се способни за никакви реформи, додека пак на теледиригираната публика која очигледно може да проголта се‘, им кажуваат бајки дека некои странски служби сакале да им ја дестабилизираат државата!!! Ма ниту една странска служба не треба да потроши ниту долар, ниту цент, ниту пола евро за ваков расипан воз кој со брзина на светлината заради својата глупост ита директно кон провалија!

Но, за недолични постапки и недолични луѓе, најдобро е да се каже она што Вергилиј му го вели на Данте за оние чии животи биле со плитки намери: Non ragioniam di lor, ma quarda, e passa. (Да не разговараме за нив, туку гледај и помини).

Па и нема да разговараме ниту ние со вас, ниту за вас, ниту пак некои челници од Европската Унија или од светот нема да разговараат со вас, ниту да ве посетат, како што не ве посетија и до сега и целосно ве игнорираат и ќе ве игнорираат.

Слични Објави